Авторот на сликата „Тешкото“, Никола Мартиноски (1903 – 1973), е една од најзначајните и највлијателни личности во развојот на современото македонско сликарство. Особено место во неговото творештво заземаат сцените од секојдневието создадени во периодот од 1951 до 1961 година. Една од темите кои Мартиноски често ги обработувал во овој период се сцени од секојдневниот живот, дадени со повеќе фолклорни одлики
Монументалната слика, едно од најзначајните дела на бардот на македонска современа ликовна уметност, Никола Мартиноски, доби нова можност за достоинствено претставување пред идните генерации. Во Лабораторијата „CARE Lab“ при Факултетот за ликовни уметности во Скопје е извршен конзерваторско-реставраторскиот третман на делото што претставува значаен придонес кон заштитата на македонското културно наследство.
Создадено во периодот 1952 – 1953 година, во техника масло на платно, делото е со димензии 350,8 на 99,6 сантиметри. Заедно со рамката, неговите димензии изнесуваат 365,5 на 115 сантиметри, што дополнително го нагласува монументалниот карактер на композицијата.
Авторот на „Тешкото“, Никола Мартиноски (1903 – 1973), е една од најзначајните и највлијателни личности во развојот на современото македонско сликарство. Особено место во неговото творештво заземаат сцените од секојдневието создадени во периодот од 1951 до 1961 година. Една од темите што Мартиноски често ги обработувал во овој период се сцени од секојдневниот живот, дадени со повеќе фолклорни одлики. Сликите, пак, според стручните анализи, се одликуваат со изразено чувство за човечност, национален идентитет и богата сликарска култура. Во овие композиции се често присутни фолклорни елементи, а машките и женските фигури се претставени во традиционални народни носии.
Се издвојува токму делото „Тешкото” (1952/53), кое во комбинација со истоимената антологиска поема на Блаже Конески, има голема вредност за македонската култура како врвен пример за интеграција на националниот фолклор во современото европско сликарство
„Тешкото“ не е само претстава на традиционална народна игра туку и ликовна интерпретација на колективната меморија и културниот идентитет. Преку мотивот на орото, уметникот ги истакнува истрајноста, достоинството, заедништвото и поврзаноста на човекот со сопствената традиција.
Инаку, сликата е во сопственост на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со чии средства е и финансиран.
Ментори и раководители на конзерваторско-реставраторскиот третман се м-р Марија Сотировска-Богдановска, доцент, и м-р Маријета Сидовски, насловен доцент и виш конзерватор-реставратор.
Во процесот на конзервација биле применети принципите на зелената и одржлива конзервација, со посебно внимание на зачувувањето на оригиналните материјали. Биле користени водени системи за чистење, со минимална интервенција и доследно почитување на материјалниот интегритет на уметничкото дело. На тој начин, заштитата била насочена не само кон подобрување на состојбата на сликата, туку и кон зачувување на нејзините автентични ликовни и материјални вредности.
Реализацијата на проектот е значајна и за високото образование, бидејќи овозможува интегрирање на современите конзерваторски методологии во наставниот и научноистражувачкиот процес. Истовремено, таа претставува пример за поврзување на теоретските и научните сознанија со практичната заштита на културното наследство.












