Европската комисија планира во 2027 година да ѝ обезбеди на Украина дополнителни 45 милијарди евра (49,4 милијарди долари) во форма на заеми, објави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„За време на оваа војна ѝ обезбедувавме клучна поддршка на Украина. Ќе продолжиме да ѝ помагаме да го заштити своето население и инфраструктурата од руските напади“, изјави Фон дер Лајен.
Новиот заем ќе биде поделен на два дела: 20 милијарди евра ќе бидат наменети за буџетска поддршка, додека 25 милијарди евра ќе се издвојат за воена помош.
Предлогот доаѓа во период кога Украина се соочува со проценет недостиг од 70 милијарди евра за следната година, додека руската инвазија продолжува да врши огромен притисок врз финансиите и одбранбените капацитети на земјата.
Заемот би бил гарантиран со буџетот на ЕУ, што ќе ѝ овозможи на Унијата да позајмува средства на меѓународните пазари на капитал. Според европскиот комесар за економија, Валдис Домбровскис, со овие средства би се покриле околу две третини од буџетскиот дефицит на Украина.
Тој појасни дека Украина ќе биде обврзана да го врати заемот доколку добие воени репарации од Русија.
Европската комисија истовремено се обидува да ги поттикне и меѓународните партнери на ЕУ да учествуваат во покривањето на преостанатиот финансиски недостиг.
Предложената помош од 45 милијарди евра доаѓа како дополнување на веќе договорениот пакет заеми од 90 милијарди евра за Украина, предвиден за 2026 и 2027 година.
Од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, Европската Унија мобилизираше повеќе од 235 милијарди евра за буџетска и воена помош за Украина.
Лидерите на земјите членки на ЕУ ќе разговараат за новиот предлог на самитот во Брисел следната недела.












