Во Младинскиот културен центар, утре (19 ноември), со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Помеѓу меморијата и современоста“ на Амир Хаџиќ.
– Во творештвото на Хаџиќ, просторот никогаш не е само сценографија. Тој е носител на меморијата, сведок на времето и место каде што се среќаваат минатото и сегашноста. Архитектонските фрагменти, урбаните амбиенти и ликовите од популарната култура се спојуваат во визуелни нарации што го преиспитуваат односот на човекот кон сопствениот идентитет и кон светот што постојано се менува, вели Зорица Ташовска-Илoва, историчар на уметност во најавата за изложбата.
Таа посочува дека Хаџиќ создава препознатлив ликовен јазик во кој реалното и симболичното природно се преплетуваат.
– Неговите дела се исполнети со тишина, но таа тишина не е празна – таа е простор за размислување. Присуството на добро познати визуелни симболи и кратки текстуални пораки не е резултат на носталгија, туку внимателно избрана стратегија преку која авторот отвора прашања за отуѓувањето, комуникацијата, потрошувачката култура и влијанието на дигиталниот свет врз современиот човек.
Особено внимание привлекува неговиот колористички пристап. Придушената палета, изградена врз земјени и неутрални тонови, е повремено нарушена со интензивни колористички акценти што ја продлабочуваат емоционалната атмосфера и ја насочуваат визуелната динамика на композицијата…“, додава Ташовска-Илова.
Во текот на своето досегашно творештво развива препознатлив и автентичен визуелен израз, во кој умешно ги спојува класичните медиуми – цртежот, графиката и сликарството – со современите форми на уличната уметност, поп-артот и графити-културата.












