Во рамките на Мисирковите денови одржани во МАНУ, беа промовирани изданијата „Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: За македонскиот идентитет и за нацијата“ на Ганка Цветанова и „Окружението на Мисирков“ на Димитар Пандев, во кои се поместени новите научни погледи за македонскиот филолог, кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, славист, историчар, Крсте Петков Мисирков

„Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: За македонскиот идентитет и за нацијата“ на проф. д-р Ганка Цветанова и „Окружението на Мисирков“ на проф. д-р Димитар Пандев се изданијата што беа промовирани во рамките на Мисирковите денови одржани деновиве, во Македонската академија на науките и уметностите. Третото издание на манифестацијата годинава е посветено на еден век од смртта на Крсте Петков Мисирков (1874 – 1926), филолог, кодификатор на македонскиот јазик, славист, историчар, публицист, етнограф.

– Книгата на Ганка Цветанова го претставува Мисирков како основоположник на современиот македонски социолошки дискурс, а неговите теориски концепции добиваат централно место во обликувањето на критичкото толкување на националните, културните и политичките феномени во рамките на македонската научна мисла – истакна академик Катица Ќулавкова, која го промовираше монографскиот труд „Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: За македонскиот идентитет и за нацијата“.

Како што вели Ќулавкова, Мисирков е првиот култен теоретичар на македонскиот културен и јазичен идентитет и основоположник на македонската модерна политичка теорија и филозофија на идентитетот и на нацијата.

– Македонскиот идентитет постои векови наназад, значи не може да го создаде некој во 19 или 20 век, иако неговата научна концептуализација и политичка автономија се артикулираат, доста широко со оглед и кодекс во општословенската и во европската јавност, дури во втората половина на 19 и на самиот почеток на 20 век, ете најпрецизно артикулирана кај Крсте Петков Мисирков – рече Ќулавкова.

Дефинирајќи го македонскиот историски, етнички, јазичен и културен идентитет, додава Ќулавкова, Мисирков ја скицира политичката концепција на македонската нација не само врз основа на етничките постулати туку и врз основа на социјалните и политичките фактори, политичката автономија, граѓанската еднаквост, чувството за припадност на заедничката држава, културата, научната и политичката елита, јавниот дискурс, што е истакнато и од Цветанова.

Ќулавкова вели и дека во книгата Цветанова вкрстува неколку дисциплини: социологијата, политикологијата, историјата, лингвистиката, теоријата на нацијата и културологијата и предочува дека и денес, по 123 години од објавувањето на книгата на Мисирков „За македонцките работи“, актуелни се неговите сфаќања за односот меѓу поединците и заедницата, за народот како носител на културната традиција и политичката волја, за историската, социјалната, културната, етнографската и сродствената заснованост на етничкиот идентитет, свеста за етничкиот идентитет, значи тоа е врзано со категоријата народ наспрема категоријата нација, која вклучува и други, некогаш и варијабилни фактори на политички договор и политички концептуализиран идентитет на уставни, државни, институционални, федерални или други конвенции на севкупната граѓанска заедница.

Авторката на книгата, Цветанова, пак, вели дека Мисирков претставува еден од најсветлите ликови во македонската национална историја – тој бил истакнат славист, публицист, историчар, бил етнограф, истражувач и реформатор на македонскиот литературен јазик и неслучајно, најчесто кога се зборува за творештвото на Мисирков, научниот фокус е ставен, пред сѐ, на неговата реформа на македонскиот литературен јазик, на стандардизацијата на јазикот и на процесите на културната и на националната еманципација.

– Студијата нуди едно поинакво читање на делото на Мисирков, читање во кое јас се обидов да ја осветлам социолошката димензија, бидејќи Мисирков во своето научно и публицистичко творештво отвора исклучително значајни и релевантни социолошки прашања. На пример, чувството на заедничка припадност и кои се тие елементи што го создаваат тоа чувство, културата, јазикот, социјалните врски, колективната меморија, културната традиција – вели Цветанова.

Ако постои една константа во мисловниот корпус на Мисирков, додава Цветанова, тоа е автономијата на Македонија, но не автономијата како политичка цел самата за себе, туку како императив за зачувување на самобитноста на македонскиот народ. Во таа смисла, истакна Цветанова, треба да се гледаат и барањето и инсистирањето на Мисирков и во тој контекст неговото инсистирање на автономија на Македонија. Значи, првенствено како предуслов за севкупниот развој, и културен, и економски, и научен, на Македонија и на македонскиот народ.

Таа се осврна и на реформата на македонскиот литературен јазик и на Мисирковиот, воедно прв историски научно аргументиран обид за стандардизација на македонскиот јазик.

– Според двете највлијателни модернистички теории за нацијата и национализмот, културите на национализмот и модерната нација почнале да се испишуваат оној момент кога почнале и стандардизацијата на колоквијалните говори и развојот на високите стандардизирани култури базирани на писменоста и образованието. Па така, Мисирков ќе рече дека со разрешување на јазичното прашање се разрешува целокупното македонско прашање. И дека создавањето македонски литературен јазик е, всушност, рамносилен чин на одвојувањето на македонската народност од групата на Јужни Словени – рече Цветанова.

Таа посочи дека Мисирков не е само основоположник на македонскиот социолошки дискурс туку е и еден од основоположниците на македонската општествена научна мисла.

– Мисирков не бил само нем сведок на времето во кое живеел, тој бил негов временски, надвременски гласник. Мисирков бил теоретичар пред појавата на модерните теории за нацијата и национализмот и визионер за државноста пред создавањето на македонската држава – заклучува Цветанова.

Втората монографија на проф. д-р Димитар Пандев, „Окружението на Мисирков“, пак, ја претстави проф. д-р Лилјана Гушевска, која рече дека книгата ги претставува неговите окруженија што ги сочинуваат неговите закрилници, ментори, професори, неговите соученици, современици и сомисленици, но и неговите противници.

– Тие окруженија ги подразбираат и македонските ученички и студентски здруженија, а во работата на дел од нив учествувал и самиот Мисирков, физички присутен или преку своето дело. Во окруженијата ќе ги сретнеме и собеседниците на Мисирков на различни теми, не само научни. Окруженијата на неговите претходници, на пример на Прличев, но и на неговите наследници, како Конески, но и на оние што го истражуваат неговото дело, во прв ред Блаже Ристовски, како и Конески, Гане Тодоровски и други. Тука ќе сретнеме многумина што биле дел од славистичкото, македонистичкото и од дворјанското окружување на Мисирков – рече Гушевска.

Авторот на книгата, проф. д-р Пандев, пак, посочи дека Мисирков првото што го научил е од својот професор ментор, кого што воопшто не го сакал, бидејќи имале различни ставови, а тоа е Тимофеј Флорински.

– Што направил Мисирков? Сето тоа го пренасочил во лингвистиката, една наука што тогаш уште не била зацврстена, бидејќи ќе требаат уште минимум пет години да се јави таа кај Фердинанд де Сосир и уште, можеби, 25 да се зацврсти во Прашката лингвистичка школа – рече Пандев. Според професорот Пандев, денес слободно можеме да кажеме дека она што го направи Мисирков навистина било врв во тоа време.

Организатори на Мисирковите денови беа петте национални институти: за национална историја, за македонски јазик, за фолклор, за македонска литература и за старословенска култура.

ИЗДВОЕНИ