Противпожарната бригада на Град Скопје доби специјално навално противпожарно возило, кое значително ќе ги зајакне капацитетите за брза, ефикасна и професионална интервенција на терен.
Станува збор за возило наменето за гасење пожари во урбана средина, како и за технички интервенции, со можност за транспорт на екипа од пет пожарникари.
Возилото е производство на MAN, со цистерна за вода со капацитет од 6.000 литри и пумпа со нормален и висок притисок. Опремено е и со витло од 60 метри, што овозможува брз одговор во критични ситуации, особено во густо населени делови од градот и на локации каде што секоја секунда е важна. Дополнително, возилото располага со комплет противпожарни арматури за гасење пожари во урбани услови, како и со монитор-млазница со далечинска контрола, наменета за гасење пожари со висок интензитет.
Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски информираше дека возилото е донација од општествено одговорна компанија.
-Во мојата визија за Скопје, модернизацијата на Противпожарната бригада која години е запоставена, е еден од важните приоритети. Нашите пожарникари се тивките херои на градот, луѓе кои не прашуваат кога е тешко, туку први влегуваат таму од каде што е најкритично. Тие заслужуваат современа опрема, подобри услови за работа и силна институционална поддршка – нагласи Ѓорѓиевски.












