Денешното невреме го потопи Скопје и за кратко време предизвика поплави, материјални штети и сериозен сообраќаен хаос во повеќе делови од градот. Сообраќајници под вода, паднати дрвја, запушени шахти, возила под вода…и бројни проблеми низ градот. До Центарот за управување со кризи (ЦУК), преку Единствениот повикувачки број 112, пристигнале десетици повици од граѓани кои пријавувале поплавени подруми, дворови и магацини, како и заглавени возила на неколку критични сообраќајни точки.
Според ЦУК, најпогодени од невремето се општините Кисела Вода, Чаир, Бутел и Гази Баба. Поројниот дожд за кратко време ги претвори улиците во реки, а движењето на возилата на повеќе локации беше значително отежнато или целосно невозможно.
Заглавени автомобили се пријавени на подвозникот пред кружниот тек во Бутел и на подвозникот на булеварот „Србија“ во Кисела Вода. Под вода останаа и кружните текови кај трговскиот центар „Ист Гејт“, кај „Мото Центар“ и „Цементара“ во Кисела Вода, како и кружниот тек во населбата Железара.
Целосно е поплавена и улицата „Јордан Мијалков“ зад „Дајмонд мол“, додека проблеми со излевање на вода се регистрирани и на паркиралиштата и пристапните улици во населбата Расадник, како и во делови од општина Аеродром.
На булеварот „Св. Климент Охридски“ е евидентирано паднато дрво, а среќа нема повредени лица, ниту е причинета поголема материјална штета. Надлежните служби се на терен и работат на расчистување на паднатите дрвја и нормализирање на сообраќајот. Граѓаните се повикуваат на внимателност, бидејќи поради нестабилните временски услови постои можност од нови падови на гранки и дрвја.

Силното невреме што попладнево го зафати Скопје предизвика поплави и сообраќаен хаос на повеќе локации, но состојбата веќе е ставена под контрола, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски од кружниот тек кај „Ист гејт“, кој беше една од најкритичните точки.

Тој информираше дека во расчистувањето на последиците биле ангажирани повеќе од 1.000 работници од градските служби и јавните претпријатија.
„Како што можете да забележите, состојбата овде е веќе стабилизирана. Нема жртви, ниту голема материјална штета. Булеварите се проодни и немаме проблем како што имавме пред половина час. Продолжуваме да бидеме будни на терен“, изјави Ѓорѓиевски.
Според него, благодарение на брзата, навремена и координирана реакција на надлежните служби биле спречени поголеми последици од невремето.
Градоначалникот соопшти дека екипите на Град Скопје и јавните претпријатија ќе останат мобилизирани во текот на целата ноќ и ќе интервенираат секаде каде што ќе има потреба.
Тој додаде дека постои постојана координација со градоначалниците на скопските општини и со сите надлежни институции.
„Нема простор за паника, но има обврска за брза реакција и целосна посветеност. Скопје и скопјани не се оставени сами. Скопје има луѓе кои се на терен кога е најпотребно“, порача Ѓорѓиевски.












