Кошаркарскиот клуб Реал Мадрид е пред промоција на нов тренер. Според шпанските медиуми, претседателот Флорентино Перес го избрал Педро Мартинес, кој сезонава ја предводеше Валенсија до титулата во шпанското првенство.
Искусниот 65-годишен стратег треба да потпише тригодишен договор и за неговиот ангажман Реал ќе плати отштета од околу еден милион евра. Мартинес, наводно, ќе заработува 1,2 милиони евра од сезона. Тој има повеќедецениско тренерско искуство и работеше исклучиво во Шпанија, водејќи клубови како Ховентут, Басконија, Манреса, Гран Канарија и Валенсија. Познат е по атрактивниот стил на игра, што, според шпанските медиуми, било една од главните причини поради кои Перес се решил токму за него.
Во Реал ќе го очекува далеку поголем притисок, бидејќи целите на клубот се јасни: борба за сите трофеи на домашните натпреварувања и во Евролигата. Од Мартинес се очекува уште од првиот ден да го извлече максимумот од квалитетниот состав и повторно да го врати Реал на самиот европски врв.











