Голема еколошка акција во која се вклучени сите скопски општини, претставници од амбасадите, меѓународни организации и волонтери од Црвениот крст, вчера се реализираше низ сите скопски општини. Станува збор за масовно чистење на градот, кое е поддржано и од основните и од средните училишта, чија цел е почиста и поздрава околина.  Во оваа еколошка акција се приклучија и пејачи и глумци, јавни личности. „Сите треба да го сакаме, чуваме и да го штитиме градот за да нема девијантни појави. Не може да дозволиме однесувањето на малцинството да ни прави проблем на сите. Малцинство се однесува на тие што несовесно се однесуваат кон животната средина, оние што кога реновираат, кујните, креветите и сè останато ги оставаат во паркови, на булевари, околу контејнери и така натаму, рече Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека имаат сериозни постапувања на правни субјекти, кон кои во изминатиов период се изречени казни над 80.000 евра

Голема еколошка акција под мотото „Не оставај ѓубре. Остави пример!“, во која се вклучени сите скопски општини, претставници од амбасадите, меѓународни организации и волонтери од Црвениот крст, денеска се реализираше низ сите скопски општини. Станува збор за масовно чистење на градот, кое е поддржано и од  основните и од средните училишта чија цел е почиста и поздрава околина. Во оваа еколошка акција се приклучија и пејачи и глумци, јавни личности.

– Акцијата има едукативен карактер, а во неа се вклучени 30.000 луѓе, што е импозантна бројка – истакна скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најавувајќи ги почетокот на акцијата.

Тој информираше дека ќе се чисти на 50 локации.

Учениците од основните училишта ќе бидат вклучени во чистење на училишните дворови, како и паркчињата околу училиштата. Во рамките на акцијата ќе се чисти средишното зеленило на булеварите, а ќе се чисти и долж булеварите.

Скопскиот градоначалник напомена дека во иднина оваа акција ќе се спроведува два пати во месецот, а ќе се практикува тоа да биде среда. Во наредната акција Ѓорѓиевски најави дека ќе бидат повикани и компаниите, со што, како што истакна тој, акцијата ќе го постигне саканиот ефект.

Воедно, тој рече дека колку и да се чисти, одредени лица со своите девијантни постапки ја нарушуваат хигиената. Ѓорѓиевски посочи дека дел од граѓаните сметаат оти им е поевтино да ја платат казната отколку правилно да го одложат кабастиот отпад во депонијата „Дрисла“. Затоа, како што рече тој, се подготвува одлука на Советот на град Скопје, да им се овозможи на граѓаните четири пати во месецот  бесплатно да го одлагаат кабастиот отпад во депонијата „Дрисла“. Притоа, на граѓаните ќе им биде потребна само лична карта.

– Сите треба да го сакаме, чуваме и да го штитиме градот за да нема девијантни појави. Не може да дозволиме однесувањето на малцинството да ни прави проблем на сите. Малцинство се однесува на оние што несовесно се однесуваат кон животната средина, на оние што кога реновираат, ги оставаат кујните, креветите и сè останато во паркови, на булевари, околу контејнери и така натаму – рече Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека имаат сериозни постапувања на правни субјекти, кон кои во изминатиов период се изречени казни над 80.000 евра.

Одговарајќи на новинарско прашање за спроведувањето на забраната за фрлање отпад по 22 часот, Ѓорѓиевски рече дека Инспекторатот на Град Скопје ревносно ги извршува своите надлежности, но посочи дека постојниот систем има ограничувања.

– Апсолутно ни недостасува комуналната полиција, за која чекаме Законот за локална самоуправа да биде изгласан во Собранието и еве уште еднаш апелирам час поскоро да се случи тоа. Не е доволно некогаш само да казните, многу е важна и висината на глобата – истакна скопскиот градоначалник.

Тој нагласи дека во борбата против загадувањето и незаконското одлагање отпад активно се вклучени и скопските општини, оценувајќи дека со координиран пристап може да се постигнат посакуваните резултати.

Ѓорѓиевски додаде дека Град Скопје останува посветен на целосна транспарентност и дека сите подетални податоци за бројот на изречени казни се достапни преку градската инспекција.

Исто така, најави дека од почетокот на следната недела во функција ќе бидат ставени новите камиони за ЈП „Комунална хигиена“, а веќе в петок се очекува пристигнување на првите 1.100 нови контејнери од вкупно набавени 3.300.

Инаку, во изминатите години повеќепати во Градот се случуваа вакви масовни генерални чистења, но Скопје и натаму остануваше извалкан, со ѓубре, диви депонии насекаде, а сведоци сме и за несовесните фрлачи кои деновиве беа фатени на дело и казнети. Но, со минимални казни. Весникот ВЕЧЕР неодамна ја отвори дилемата дали се потребни повисоки казни за вакви дела како и за промена во законското решение со кое би можело да се изрекува општокорисна работа од страна на судовите како задолжителна, без можност граѓанинот да избира.

Како и да е, градските власти мора и натаму да си ја извршуваат работата, да го чистат Градот, но и граѓаните треба да покажат повисока свест за да го чуваат чист и да се грижат за хигиената. Оти нема толку комунални работници и метли колку што ние сите можеме да извалкаме.

 (А. П.) Фото: (Ѕ.П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ