Судовите во државата во вториот квартал од 2026 година не успеале да го совладаат приливот на нови предмети, поради што заостатокот е зголемен за 2.127 предмети. Ова е констатирано на седницата на Судскиот совет, на која биле усвоени извештаите за работата на судовите во периодот април-јуни.
Судовите го започнале кварталот со 147.288 нерешени предмети, примиле 121.909 нови, а од вкупно 269.197 предмети во работа решиле 119.782. На крајот на јуни останале 149.415 нерешени предмети, поради што работата на судовите на државно ниво е оценета како неажурна.
Како еден од главните проблеми повторно е посочен недостигот од судии и особено од судски службеници. Меѓу најоптоварените судови е Основниот граѓански суд Скопје, кој вториот квартал го завршил со 24.298 нерешени предмети, најголем заостаток во државата. Судот работи со 56 од предвидени 77 судии. Како неажурни се оценети и Управниот и Вишиот управен суд. Вишиот управен суд работи со само шест од предвидени 13 судии и кварталот го завршил со 2.767 нерешени предмети, додека Управниот суд со 26 судии останал со 5.528 нерешени предмети.
Состојбата е различна по апелационите подрачја. Во Битола, како неажурни се оценети основните судови во Битола, Крушево, Прилеп, Ресен и Струга. Основниот суд Битола, со 12 од предвидени 25 судии, останал со 7.468 нерешени предмети, додека Прилеп и Струга соодветно со 9.149 и 9.115. Во Штипското подрачје неажурни се Апелациониот суд Штип и основните судови во Берово, Кочани, Радовиш и Штип. Особено тешка е состојбата во Берово, каде што поради недостиг од судии и стручен кадар судот практично не функционира.
Во гостиварското апелационо подрачје, пак, ажурен е само Основниот суд Гостивар. Основниот суд Тетово, кој имал над 21.000 предмети во работа, кварталот го завршил со 8.346 нерешени предмети. Во Скопското апелационо подрачје како ажурни се оценети Апелациониот суд Скопје, Основниот кривичен суд Скопје и основните судови во Велес и Кратово. Основниот кривичен суд Скопје решил 22.962 од вкупно 43.572 предмети во работа.
Судскиот совет констатирал дека речиси сите судови се соочуваат со недостиг од кадар, особено од судски службеници, што останува еден од најголемите предизвици за подобрување на ефикасноста на судскиот систем.












