среда, септември 30, 2026
Дома КУЛТУРА СКОПЈЕ НЕ СПИЕ НА 3 ОКТОМВРИ: Џамбазов, „Гуру Харе Бенд“, „Допамин“ и...

СКОПЈЕ НЕ СПИЕ НА 3 ОКТОМВРИ: Џамбазов, „Гуру Харе Бенд“, „Допамин“ и електронска музика до 3 часот по полноќ!

1

Скопје на 3 октомври ќе биде центар на музиката, уметноста и забавата. Во организација на ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје, „Бела ноќ 2026“ ќе донесе концерти, диџејски настапи, изложби, детска програма и културни содржини на повеќе локации низ градот.

Централната програма ќе се одржува на плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред Македонската опера и балет. Програмата започнува во 18:00 часот со детскиот фестивал „Поточиња“, а во 18:45 следува интерактивниот „Театар за тебе“.

Од 19:30 часот музичката програма продолжува со DJ Bono, во 20:30 настапува „Допамин бенд“, а во 22:00 часот на сцената доаѓаат Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“. По полноќ, забавата продолжува со DJ Tammy и DJ Toshevv.

Електронската музика ќе има свое место кај фонтаната „Лотус“, каде што од 20:30 часот настапуваат Flooder & Vaso, во 22:00 DJ Vecky – Fluere, а од полноќ Invictoz – Sempre.

На платото пред Музејот на современата уметност, од 20:00 часот, ќе се одржи „IN BETWEEN 04“, со настапи на DJ AYŪ од Берлин, DJ Peneva, DJ Stefan Strange, DJ Bole и DJ Luka.

Забава ќе има и на Боемска улица, каде што е најавена „Боемска бела ноќ“ со Владмир Поповски со бенд и DJ Тоше Вељанов.

Но, „Бела ноќ“ нема да биде само музички настан. Публиката ќе може да посети повеќе изложби и уметнички содржини. Во Домот на градежниците ќе бидат претставени самостојната изложба на Марија Рашковиќ и групната изложба „Вортекс“. Во Чифте амам ќе биде изложбата „Пресек“ на Ирена Паскали, додека во „Мала станица“ ќе биде поставена мултимедијалната изложба „Меѓу светови“ на Воскресија Андреевска.

Програмата започнува уште во текот на денот. Во Детскиот културен центар „Карпош“ во 09:00 часот е најавена изложба на детски ликовни творби, а во Паркот на поезијата при Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во 12:00 часот ќе се одржи „Нацртај песна“. Во 19:00 часот следува изложбата „Види ја поезијата“.

Посебна содржина подготвува и Археолошкиот музеј, каде посетителите ќе имаат бесплатен влез и можност да ја проследат програмата „35 предмети, 35 приказни“.

На мапата на „Бела ноќ 2026“ се и Младинскиот културен центар, Мостот на уметноста, Старата скопска чаршија, Музејот на град Скопје, „Аудио култура“ и улица „Македонија“.

Вечерната програма ќе трае од 19:00 до 03:00 часот, додека дел од дневните и детските содржини започнуваат порано.

На 3 октомври Скопје ќе биде сцена за музика, уметност и култура – „Бела ноќ“ го претвора градот во голема отворена сцена.

ИЗДВОЕНИ