Матичните лекари во земјава не ги прифаќаат најавените промени во начинот на закажување специјалистички прегледи на своите пациенти, што од нив, минатата недела, го побарала Управата за електронско здравство. Ваков категоричен став му бил пренесен на министерот за здравство, Сашо Клековски, на неодамнешната средба што се одржала по повод појавувањето проблеми околу новиот начин на закажување специјалистички прегледи. Како што објави весникот ВЕЧЕР недамна, во дописот што го испратила Управата за електронско здравство до матичните лекари категорично се бара закажувањето термини за прегледи на кај лекари специјалисти да се врши во моментот кога пациентот што има потреба е во ординацијата на матичниот лекар, а не автоматски, преку софтвер.
Лилија Чолакова-Дервишова, претседателката за Здружението на приватни лекари, ни изјави дека противењето од нивна страна директно му било соопштено на министерот Клековски.
– Ние таква новина не можеме да прифатиме. За нас, тоа е враќање во каменото време и системот со тетратки. Ние, матичните лекари, сме ја стопирале примената на тоа што се бара од нас и продолжуваме да закажуваме прегледи како и досега. А тоа значи доколку по прегледот не можеме да закажеме преглед кај потребниот специјалист, ќе продолжиме да бараме слободни термини. Ќе правиме листа на чекање и кога ќе се најдат термини, за денот и часот ќе ги информираме пациентите. Новото барање не можеме да го исполниме. Некој што мисли дека во кабинети може да го уреди функционирањето на „Мој термин“, треба добро да знае како изгледаат работите во реалноста – објаснува Чолакова- Дервишова.
Таа додава дека барањето матичните лекари да бараат слободни термини кај специјалисти во присуство на пациентите е неспроведливо.
– Како да се спроведе тоа кога, на пример, во Велес доаѓаат многу специјалисти од други градови, бидејќи тука ги немаме. Нам ни е проблем што ни се празни болниците со лекари специјалисти, што нема други ресурси во здравството – потенцира таа.
Според неа, посебно контролните прегледи треба да ги закажуваат лекари специјалисти.
– Нам ни е основен проблем што лекарите специјалисти не даваат многу термини за да прегледаат пациенти во рамите на системот „Мој термин“. Нека Министерството за здравство, Управата за електронско здравство, раководствата на болниците… проверат колку термини за прегледи имаат одредени лекари специјалисти и ќе се изненадат колку е малку тоа. По неколку прегледи неделно… Тоа е основниот проблем што треба да се решава и преку софтверските куќи – нагласува претседателката на Здружението на приватни лекари.
Во соопштението по средбата, Министерството за здравство објави дека тоа била воведна средба со претставниците на матичните лекари, и тоа Здружението на приватни лекари и Здружението на лекари по општа медицина, за состојбите и предизвиците во примарната здравствена мрежа, кај матичните лекари.
– На средбата се приклучија претставници на Управата за електронско здравство, на која се разговараше за можностите матичните лекари побрзо и поефикасно да обезбедуваат термини за специјалистички прегледи преку системот „Мој термин“. За поедноставено и побрзо закажување специјалистички прегледи, посебни алатки за пребарување на посакуваните термини и подобра комуникација меѓу матичните лекари, здравствените установи и „Мој термин“. Министерството за здравство и Управата за електронско здравство се отворени соработка со претставниците на матичните лекари, здравствените установи и на софтверските компании, со цел да се воспостави ефикасен и ефективен систем за термини – беше нагласено во соопштението.
Управата за електронско здравство го испратила неодамнешното барање до матичните лекари откако утврдила дека постојат сериозни неправилности при закажувањето прегледи кај лекарите специјалисти. Тоа предизвикува да пропаднат голем број закажани термини и создава нееднаков пристап на пациентите до соодветните лекари. Поради ова, Управата упатила допис до матичните лекари во кој се бара закажувањето прегледи да не врши преку соодветни софтвери, туку на поинаков начин.
– Избраните лекари се задолжуваат во рок од 15 дена да ги отстранат автоматското креирање упати и автоматското резервирање упати преку интерни листи на пациенти. Потребно е да ги отстранат сите механизми што овозможуваат креирање упат без непосредно дејство и потврда од избран лекар во моментот на неговото издавање. Се задолжуваат сите избрани лекари, веднаш по приемот на овој допис, да престанат да ја користат оваа функционалност и закажувањето на термините да се врши во моментот кога е присутен пациентот и кога лекарот непосредно го креира и го издава упатот – беше наведено во дописот на Управата за електронско здравство до избраните лекари. (Б. Ѓ.)












