– Како да гледаш документарец, но тоа не е недостаток, тоа е намерен избор на режисерката со цел да долови емотивна длабочина. Дина Дума покажува сигурен режисерски глас и јасна контрола врз материјалот со кој работи. Овој филм покажува дека пред неа сè уште има простор за растеж и авторско истражување, но истовремено ја издвојува како талент што вреди да се следи. Уште поважно, нејзината работа придонесува кон поширокото поместување кон поголема женска застапеност зад камерата, нудејќи промислена и навремена перспектива за прашања што и денес остануваат длабоко релевантни, напиша европскиот портал „Cинеуропа“ за „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума по неговата светска премиера на фестивалот „Трибека“ во Њујорк
По светската премиера на „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума на фестивалот „Трибека“ во Њујорк, првите меѓународни критики го препознаваат филмот како искрена и општествено релевантна приказна за женската автономија, семејството, сиромаштијата и судирот меѓу традицијата и современиот живот.
„Cинеуропа“, европски информативен портал посветен на промоција на европската кинематографија го пофали „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дума како воздржано, автентично и емотивно моќно остварување, истакнувајќи го неговиот реализам во документарен стил и зрелата режија. Во интервјуто за овој портал, Дума објаснува дека скејтбордингот е симбол на слобода и бунт против присилните бракови, инспириран од нејзината поврзаност со ромската заедница во Скопје.
– Како да гледаш документарец, но тоа не е недостаток, тоа е намерен избор на режисерката со цел да долови емотивна длабочина. Дина Дума покажува сигурен режисерски глас и јасна контрола врз материјалот со кој работи. Овој филм покажува дека пред неа сè уште има простор за растеж и авторско истражување, но истовремено ја издвојува како талент што вреди да се следи. Уште поважно, нејзината работа придонесува кон поширокото поместување кон поголема женска застапеност зад камерата, нудејќи промислена и навремена перспектива за прашања што и денес остануваат длабоко релевантни, напиша „Cинеуропа“.

Британското списание посветено на филмската уметност, „Филмхаундс“, пак, истакнува дека „Скејтбордингот не е за девојчиња“ е филм што најсилно функционира токму тогаш кога отворено и искрено ѝ пристапува на темата со која се занимава.
– Ништо не е пренагласено или изведено во претерана драма, напротив, Дума ги поставува работите што е можно пореалистично. Со „Скејтбордингот не е за девојчиња“, Дума се определува за реализам и емоција, кои во финалниот резултат се совршено балансирани. Наместо да ѝ наметнува ставови на публиката, Дума им дозволува на сликите и на моментите да останат пред гледачот, оставајќи визуелниот јазик сам да проговори. Токму тука филмот најсилно блеснува. Едноставно кажано, ова е воздржан и убав филм, на најмоќниот можен начин, посочуваат „Филмхаундс“.
За еден од водечките американски филмски портали, „Некст бест пикчер“, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ претставува „важен филмски увид во едно угнетувачко општество и во штетните уверувања и практики што го спречуваат да се развива, воден од потези на многу силна филмска режија“.
И „Анпејд филм критик“, независната филмска платформа посветена на рецензии за независни и фестивалски филмови, со позитивна критика.
„’Скејтбордингот не е за девојчиња’ е филм за жени со реални и опипливи драмски потреби, кој ги отвора ограничените можности на една самохрана мајка во оваа култура. Филмот не нуди лесни одговори за безизлезните ситуации во кои се наоѓаат неговите ликови, и токму затоа влијае болно возбудливо и автентично“, ќе напише „Анпејд филм критик“.
И дигиталната независна платформа посветена на рецензии за филмови „Попкорн ривјус“ вели дека „режисерката Дина Дума вешто ги користи предметите како метафори, со што го продлабочува поттекстот и ја засилува пораката на филмот. Нејзината режија е мека, нежна и длабоко емотивна“.
Позитивни реакции пристигнуваат и од публиката на глобалната социјална мрежа за филмски ентузијасти „Летербоксд“, каде што се издвојуваат „нежноста меѓу сестрите и мајката, визуелната грижа за движењето, текстурата, бојата и кадрирањето, како и надежниот крај на филмот“.

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ ја имаше премиерата на годинашното 25. издание на филмскиот фестивал „Трибека“, што се одржува од 3 до 14 јуни во Њујорк, во рамки на Меѓународната конкуренција на играни филмови, што претставува главна натпреварувачка програма за странски филмови на овој престижен американски фестивал.
Фестивалот „Трибека“ е еден од најпрестижните меѓународни културни настани во светот, кој се одржува секоја година во јуни, во Њујорк. Основан е во 2002 година од актерот Роберт Де Ниро. Познат е по тоа што дава силен глас на независните и на разновидни автори, со посебен акцент на откривањето нови таленти. Иако започнал примарно како филмски фестивал, денес „Трибека“ е еволуиран во платформа за филм, телевизија, музика и концерти, музички документарци, видеоигри и аудио приказни, изложби, разговори и панели.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е втор долгометражен проект на Дина Дума. Филмот прикажува три генерации жени од ромската заедница, кои се заглавени меѓу традицијата и современоста. Целата приказна гледа низ перспектива на главниот лик Адела, која има 12 години. Нејзината постара сестра треба да се мажи и таа преку скејтбордингот изразува бунт и на тој начин се обидува да избега од реалноста. Филмот е снимен во Шуто Оризари, доминантно со натуршчици.
Главните улоги ги толкуваат Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула, а Санела Емин, пак, е една од ретките професионални актерки во филмот. Сценариото го потпишува Дума, во соработка со Лидија Мојсовска и Теона Стругар-Митевска, директор на фотографија е Фредерик Ноaром, а продуцент Лабина Митевска. „Скејтбордингот не е за девојчиња“ е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, во продукција на „Сестри и брат Митевски“. Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм, како и од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија и Хрватска, и фондовите „Еуримаж“ и „Медиа“.











