четврток, јуни 11, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Се градат помалку нови станови, но цените нема да паѓаат

Се градат помалку нови станови, но цените нема да паѓаат

И покрај намалениот број одобренија за градба, интересот за купување станови во Македонија останува висок. Според градежниот сектор, не постојат услови за намалување на цените на недвижностите, бидејќи понудата не успева да ја следи побарувачката. Наместо поевтинување, во наредниот период е пореално да се очекува стабилизација на цените, додека идните движења на пазарот ќе зависат од обемот на новата градба, трошоците за изградба и економските услови во земјата

58

Побарувачката за станови во Македонија и натаму останува висока, додека понудата бележи пад, што дополнително го одржува притисокот врз цените на недвижностите. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат значително намалување на бројот на издадени одобренија за градење, што укажува дека стабилизација на пазарот на станови сè уште не е на повидок. Во април годинава биле издадени 291 одобрение за градење, што претставува намалување од 38 проценти во споредба со истиот месец минатата година.

Економските аналитичари подолг период предупредуваат дека недоволната понуда на нови станови, во комбинација со континуирано високата побарувачка, е еден од главните фактори што ги одржува високите цени на пазарот на недвижности. Намалениот број одобренија за градба дополнително ја потврдува оваа тенденција.

– Целата кампања што се води околу тоа дека нема побарувачка за купување станови не е точна. Побарувачката сè уште е многу висока, бидејќи купувањето стан е реална животна потреба. Целта е да има стабилизација на цената на станбениот квадрат и да нема понатамошно зголемување. Не очекувам намалување на цената на квадратот, бидејќи неа ја формира пазарот. Во услови на голема побарувачка и ограничена понуда, цените ќе останат високи, вели Ивица Јакимовски, претседател на Градежната комора при Сојузот на стопански комори.

Според него, нереално е да се очекува пад на цените во услови кога понудата се намалува, а интересот за купување останува висок.

– На пазарот му е потребна стабилност и предвидливост, наместо очекувања за брза заработка преку постојан пораст на цените. Желбата е да има подолг период на стабилизација, затоа што неизвесноста создава притисок и врз компаниите и врз купувачите. Потребни се подетални анализи и долгорочна стратегија која ќе овозможи поголема сигурност при планирањето, инвестирањето и изградбата, додава Јакимовски.

Тој посочува дека намалувањето на бројот на одобренија за градба не значи автоматски и намалена побарувачка.

– Овој показател варира од период во период. Сепак, факт е дека се гради помалку, но истовремено на пазарот може да има и поголема понуда на постари станови. Побарувачката, понудата, цената на работната сила и на градежните материјали се фактори што ги диктира пазарот, истакнува Јакимовски.

Статистиката покажува дека најголем број одобренија за градење во април се издадени во Полошкиот Регион – 83, по што следуваат Скопскиот Регион со 72 одобренија, Југозападниот со 32, Источниот со 28, Југоисточниот со 26 и Пелагонискиот со 24. Најмал број одобренија се регистрирани во Североисточниот Регион, каде што се издадени само три.

Од вкупниот број издадени одобренија, 208 или 71,5 проценти се однесуваат на објекти од високоградба, 27 или 9,3 проценти на нискоградба, додека 56 одобренија, односно 19,2 проценти, се наменети за реконструкција на постојни објекти.

Податоците покажуваат и дека во најголем дел, инвеститори се физички лица. Од вкупно 291 објект, кај 197 инвеститори се јавуваат физички лица, додека кај 94 инвеститори се деловни субјекти.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ