петок, јуни 19, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Скопје добива самостоен центар за Итна помош: Ќе се скрати ли чекањето...

Скопје добива самостоен центар за Итна помош: Ќе се скрати ли чекањето од 40 минути?

31

Владата ја усвои иницијативата на Министерството за здравство за формирање самостоен центар за Итна медицинска помош во Скопје, со што започнува реорганизација на службата која со години се соочува со недостиг од кадар, возила и долго време на чекање. Властите очекуваат новиот модел да донесе побрза реакција, подобра координација и поефикасно спасување на човечки животи. Министерот за здравство Азир Алиу оценува дека не станува збор за создавање нов систем, туку за модернизација на постојниот. Во првата фаза, Итната медицинска помош во Скопје ќе биде издвоена како посебна институција, а подоцна е предвидено постепено интегрирање и на другите служби.

Реформата доаѓа во период кога времето на одзив на Брзата помош е предмет на критики. Според министерот, во Македонија граѓаните понекогаш чекаат и по 30 до 40 минути за пристигнување на медицински тим, додека во Словенија просечното време на реакција изнесува меѓу седум и осум минути.

Според Министерството за здравство, сегашниот модел, во кој Итната помош функционира во рамките на здравствените домови, создава неефикасност и отежната координација. Со новото решение, командниот систем и управувањето ќе бидат централизирани, што треба да овозможи побрзо носење одлуки и подобра распределба на ресурсите.

Покрај институционалните промени, се планира воведување на нов софтверски систем кој ќе овозможи следење на возилата во реално време, оптимизирана навигација и поефикасна распределба на екипите. Дополнително, во возилата и кај теренските тимови ќе бидат поставени камери преку кои лекарите специјалисти од болниците ќе можат во живо да го следат пациентот и да даваат инструкции уште за време на транспортот. Според проценките, имплементацијата на новиот систем би требало да трае пет до шест месеци.

Паралелно со оваа реформа, Министерството најави набавка на 100 нови возила за Итната медицинска помош. „Доколку нема административни пречки, очекуваме возилата да пристигнат за најмногу два месеца“, вели министерот.

Во последните осум години бројот на тимови е намален за 22, а половина од 33-те здравствени центри располагаат со помал број екипи од потребниот. Некаде еден тим покрива околу 1.000 жители дневно, а во други средини е задолжен за дури 40.000 жители. Во зависност од местото, една смена може да има од две до дури 50 интервенции. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ