Мажот кој во вторникот беше запрен од полицијата на автопатот А1 и кај кого беа пронајдени речиси 14 килограми марихуана е 26-годишен фудбалер од Загреб.
„Индекс“ пренесува дека двајцата негови родители работат во полиција, а татко му е раководител на Службата за превенција во една од полициските управи.
Полицијата не го објави идентитетот на 26-годишникот. Претходно соопшти дека го сомничи за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.
Граничната полиција во Вргорац го запрела неговиот автомобил „мерцедес“ во вторникот попладне, на 22 септември, на автопатот А1.
За време на контролата на возилото, полицајците забележале две спортски торби во багажникот.
Автомобилот потоа бил пренесен во кругот на полициската станица, каде врз основа на судска наредба бил извршен претрес.
Во торбите биле пронајдени 20 пакети со вкупно 13 килограми и 848 грама марихуана.
Според полицијата, дрогата била наменета за понатамошна неовластена продажба.
По завршувањето на криминалистичката истрага, 26-годишникот, со кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, бил предаден на притворскиот надзорник.












