„Хит рекордс“ (Hit Records), хрватската дискографска куќа издаде ново, двојно винил издание на трагично починатиот македонски музичар Тоше Проески — „Најдоброто од Тоше Проески“ (The Very Best of Toše Proeski).
„Ангелскиот глас кој го спојуваше регионот, емоцијата која никогаш не избледува и песните кои станаа безвременски класици, конечно го добија своето заслужено место на грамофонска плоча. Главниот уредник на ‘Хит рекордс’, Мирослав Рус, не ја крие гордоста по повод излегувањето на ова двојно издание. Уште повеќе бидејќи е познато дека Рус и Проески пред сè беа пријатели, а нивната авторско-пејачка соработка изроди неколку безвременски песни. Тука е и неизбежната ‘Игри без граници’, една од оние кои ја одбележаа кариерата на Тоше и остана запишана во регионалната музичка историја засекогаш“, се наведува во дел од соопштението.
„За мене ова е посебен момент. Да се работи на издание на голем уметник е пред сè чест, а со оглед на нашето пријателство, дури и обврска. Не можам да замислам делото на Тоше Проески да остане без албум кој сепак во презентациска смисла е вистинска, сериозна трага на еден уметник без граници каков што беше Тоше Проески. Верувам дека ова издание со радост ќе го дочекаат слушателите, како и сите оние кои на каков било начин придонесоа за него“, истакна Мирослав Рус.
Ова луксузно двојно ЛП-издание носи пресек на кариерата на Тоше преку шеснаесет избрани песни, кои се отпечатени на двојниот албум.
Покрај веќе споменатата „Игри без граници“, тука се и „Единствена“, „Чија си“ и „Боже, чувај ја од зло“…

„Познатиот дизајнер Игор Келчец ја имаше честа да го обликува целокупното издание, давајќи му препознатлив визуелен идентитет. Предната и задната страна на ЛП-то ги красат впечатливи портрети на Тоше Проески, додека внатрешноста е обогатена со внимателно обликуван колаж од приватни и професионални фотографии кои на посебен начин ги пресликуваат неговиот живот и творештво“, се додава во соопштението.
Примероците веќе може да се нарачаат, а сите што ќе го купат ЛП-то преку веб-страницата на „Хит рекордс“ добиваат и ЦД-албум со „The Hardest Thing“.












