
Реванш 1/8 финалниот дуел од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампион, против шпанскиот гигант Реал (М), најдобро ќе покаже од што се „направени“ фудбалерите на англискиот премиерлигаш Манчестер Сити.
Избраниците на Пеп Гвардиола знаеле да одиграат најдобро кога е најпотребно, но вечерва, на „Итихад“, повторно за ривал ќе го имаат најтрофејниот клуб во ЛШ кој на ова гостување пристигна со предност од три гола.
Ретко кој веруваше дека со таков резултат ќе заврши дуелот на „Сантијаго Бернабеу“ и затоа ретки се тие кои сега веруваат дека „граѓаните“ можат да анулираат таква негатива и да се пласираат во следната елиминациска рунда.
-Ќе имам голем проблем ако моите фудбалери не веруваат дека можеме да се пласираме во следната рунда. Сите се возрасни и имаат одлични плати. Ако не веруваш во Лигата на шампиони, тогаш подобро да си остане во својот дом. Мора да се обидеме, што имаме да изгубиме? Едно знам, Реал (М) никогаш не се вратил во ЛШ после негатива од три гола. Нормално, ова е незгоден резултат, но мора да се обидеме, само така ќе покажеме респект кон луѓето, кон навивачите, кон нашата работа, изјави менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола.
Во ништо подобра ситуација не е ниту лондонскиот премиерлигаш Челзи кој со негатива од три гола ќе го стартува реванш дуелот против бранителот на тронот, францускиот гигант ПСЖ, а кога се во прашање англиските преставници, денеска најреални шасни има Арсенал, кој игра на домашен терен и доволна му е било каква победа за да го елиминира германскиот бундеслигаш Баер од Леверкузен.
Предност од три гола има и најпријатното изненадување во годинашното издание на ЛШ, норвешкиот претставник Бодо/Глимт, кој гостува во Португалија каде за противник го има тимот на Спортинг од Лисабон.
ДЕНЕСКА НА ПРОГРАМАТА: Спортинг Л. – Бодо/Глимт (0:3 прв натпревар), Арсенал – Леверкузен (1:1), Челзи – ПСЖ (2:5), Манчестер С. – Реал М. (0:3).











