четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Шилегов: Актуелното раководство на СДСМ одработува за ВМРО-ДПМНЕ за да избегне кривичен...

Шилегов: Актуелното раководство на СДСМ одработува за ВМРО-ДПМНЕ за да избегне кривичен прогон

384

Со инциирање на постапката за моето разрешување се потврдија моите тврдења дека актуелното раководство на СДСМ договорено одработува за ВМРО-ДПМНЕ и за интересите на владејачката партија, а не за СДСМ и неговото членство, изјави денеска Петре Шилегов, поранешен скопски градоначалник. Тој реагира на синоќешната одлука на ИО на СДСМ да покрене постапка за негово исклучување од партијата. Според него, актуелното раководство на СДСМ тоа го прави за да не биде предмет на евентуални кривични истраги.

– Кажав дека е очигледно оти постои договор кој предвидува СДСМ да биде во ваква состојба во којашто е, да ги промашува упорно темите и да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да истера два мандати, за сметка на тоа да не бидат предмет на можни евентуални истраги и кривични прогони -рече тој во изјава за медиумите на паузата од денешното рочиште во предметот „Пулс“, каде тој е бранител на обвинетиот Шофкет Хазари.

Тој објасни дека во согласност со партискиот статут, исклучување на член извршува општинската организација каде што тој припаѓа и го повика лидерот на партијата Венко Филипче, доколку сака да спроведат таква иницијатива да дојде во организацијата во Карпош, за да разговараат со членството, за кое, рече, ќе се потруди да биде многубројно, како за неговото исклучување, така и за заминувањето на Филипче.

– Ако го прочитале Статутот, за жал таму во Извршниот одбор нема кој да го прочита, ќе им биде јасно дека исклучувањето на член на СДСМ го извршува општинската организација, каде што припаѓа, во која што претседателот Филипче првпат влезе кога беше избран за претседател. Па еве ќе ја искористам приликата ако веќе сака да спроведат такви иницијатива да дојде во општината Карпош, таму ќе разговараме со членството, јас ќе се потрудам да има сериозно многу, и за моето исклучување, меѓутоа и за неговото заминување. Во однос на тоа дека тие завршиле, тој завршил со Петре Шилегов, јас тоа нема да дозволам. Сето она што го имам направено во својот живот професионално, но уште повеќе политички, тоа што го имам направено за СДСМ и што се уште го правам, нема да дозволам да го валка човек којшто е нестатутарно избран за претседател – изјави Шилегов.

Тој додаде дека платформата си продолжува, стратегијата се развива и повтори дека ќе го замолат ова раководство на СДСМ да си замине и да ја ослободиме политичката партија.

– СДСМ е партија што ја има создадено независна Македонија, СДСМ е партија на илјадници, илјадници истакнати луѓе. СДСМ не е сопственост на една групација, па со нејзе да се пазарат за својата слобода – рече Шилегов.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска, на прес-конференција во партиското седиште, појаснувајќи ја одлуката на Извршниот одбор за иницирање постапка за исклучување на Петре Шилегов од членство во партијата, изјави дека таа е донесена со консензус откога, по сите нивни проверки и информации, заклучиле дека станува збор за процес за одработување за ВМРО-ДПМНЕ и обид за внатрешна поделба на партијата.

ИЗДВОЕНИ