Трансферот кој неколку месеци го тресе германскиот ракоме доби пресврт. Откако пропаднаа преговорите меѓу гигантите Фуксе Берлин и Фленсбург околу ангажманот на данскиот репрезентативец Симон Питлик, иако трансферот веќе беше договорен за 2027 година преку активирање на излезна клаузула, клубот од Берлин се обиде да го доведе уште ова лето, со цел да ја пополни празнината по заминувањето на Ласе Андерсон.
Понудите на германскиот шампион беа исклучително високи. Во првата, Фуксе Берлин понуди пакет кој вклучуваше 750.000 евра и норвешкиот талент Тобијас Грондал, но раководството на Фленсбург ја одби оваа опција. Потоа следеше и подобрена понуда од дури 1,5 милиони евра, што би претставувало еден од најголемите трансфери во историјата на ракометот, особено за играч кој би пристигнал пред договорениот рок.
Сепак, Фленсбург остана на својот став и јасно стави до знаење дека смета на услугите на Симон Питлик најмалку до 2027 година, одбивајќи да ги коментира деталите од преговорите. И покрај тоа, во ракометните кругови доминира мислењето дека неговото заминување е само прашање на време. Дополнителна тежина на целата приказна ѝ даваат случувањата од крајот на 2024 година. Питлик прифатил да се откаже од претходната излезна клаузула како знак на лојалност кон клубот, но веќе следниот ден Фленсбург го отпушти тренерот Николај Крикау, кој имал клучна улога во неговиот трансфер.
Таквиот развој на настаните оставил силен впечаток кај данскиот ракометар, кој подоцна, и покрај продолжувањето на договорот до 2030 година, обезбедил нова излезна клаузула за летото 2027. Токму таа опција веќе е активирана, што практично ја дефинира неговата иднина. Интересно е што Николај Крикау сега е дел од стручниот штаб на Фуксе Берлин, и се најде на спротивната страна во преговорите.












