Македонската филхармонија, на 5 март, со почеток во 20 часот, ќе одржи концерт по Повод денот на жената. Концертот, насловен „Сила“, ќе го води диригентката Ребека Тонг од Индонезија, а како солист ќе настапи пијанистот Ендру фон Ојен од Франција. На програмата се „Павана“, оп. 50 од Габриел Форе, Концертот за пијано и оркестар бр.2 во ге-мол од Камиј Сен-Санс и симфониската скица „Море“ од Клод Дебиси.

Ребека Тонг е резидентен диригент на Симфонискиот оркестар и уметнички и музички директор на Ансамблот за современа музика во Џакарта. Таа ја освои Првата награда на „La Maestra“ во 2020 година во Париз, каде што, исто така ја доби и „ARTE Prize“. Нејзините настапи вклучуваат дебитантски концерти со: Симфонискиот оркестар на Барселона, Германскиот симфониски оркестар во Берлин, Оркестарот на Париз, Националниот оркестар на Франција, Филхармонијата и Симфонискиот оркестар на Лондон, Камерниот оркестар на Париз, Би-би-си Филхармонијата… Таа е добитничка на Taki Award 2019 и на неколку диригентски стипендии, вклучувајќи David Effron Conducting Fellowship и Cabrillo Festival of Contemporary Music Fellowship.

Ендру фон Ојен е меѓународно признат пијанист, познат по својата извонредна техника и елегантна изведба. Настапувал како солист со водечки оркестри низ светот, вклучувајќи ги и Филаделфија оркестарот, Симфонискиот оркестар на Лос Анџелес, Берлинскиот симфониски оркестар, Прашката филхармонија, Марински оркестарот, Би-би-си симфонискиот оркестар, Симфонискиот оркестар на Токио, Симфонискиот оркестар на Сингапур и многу други. Има настапувано во најпрестижните концертни сали како Вигмор Хол и Барбикан Хол во Лондон, Линколн Центар во Њујорк, Кенеди Центар во Вашингтон, Ројал Опера во Версај, Театро Олимпико во Рим… Добитник е на Gilmore Young Artist Award (1999) и на Првата награда на Léni Fé Bland Foundation National Piano Competition (2001).











