петок, октомври 30, 2026
Дома СВЕТ Успешно завршена акција: Од Олешки се евакуирани 750 луѓе , жителите се...

Успешно завршена акција: Од Олешки се евакуирани 750 луѓе , жителите се упатени кон Русија и Украина – помош за оние што остануваат

251
Фото: EPA/OLEG MOVCHANIUK

И руската и украинската страна потврдија дека мисијата завршила без инциденти; за евакуацијата биле користени автобуси и возила на брза помош.

Хуманитарна мисија во градот Олешки, во регионот Керсон, заврши со евакуација на 750 жители кои сакале да заминат; овие лица се упатени кон Русија и Украина, соопшти Јана Лантратова, руски претставник за човекови права.

Во видео-порака објавена на „Телеграм“, таа наведе дека конвојот со евакуираните пристигнал во Армјанск, на Крим, од каде што автобусите заминале кон своите крајни дестинации.

„Ја завршуваме нашата хуманитарна мисија во Олешки. Во моментов сме во Армјанск и се организираме во конвои. Групата што се упатува кон украинска територија тргнува кон таа дестинација, додека групата што оди кон Руската Федерација патува кон Русија“, изјави Лантратова.

Според украинската новинска агенција УНИАН, 17 од 21 автобус што тргнаа од Армјанск се упатија кон Украина. Поранешната прва дама на САД, Меланија Трамп, на социјалната мрежа „Икс“ (X) објави дека од Олешки се евакуирани вкупно 750 луѓе.

Лантратова нагласи дека евакуацијата поминала без инциденти, при што персоналот на мисијата ги придружувал жителите – кои одлучиле да го напуштат градот – до центрите за привремено сместување. Според неа, и руската и украинската страна ја оцениле операцијата како добро организирана. За спроведување на оваа операција биле подготвени 25 автобуси и девет возила на брза помош, вклучително и специјализирани возила за транспорт на лица со ограничена подвижност. Во мисијата учествуваа повеќе од 50 лекари и медицински техничари, а бил обезбеден и посебен автобус за транспорт на домашни миленици.

Лантратова изјави дека на жителите кои одлучиле да останат во Олешки им биле обезбедени неопходни залихи, вклучувајќи храна, лекови, хигиенски средства и гориво за генератори. На оние што сакале да заминат им била дадена можност за тоа преку организиран транспорт. Таа изрази благодарност до воениот персонал и службите што учествуваа во спроведувањето на операцијата, како и до Меланија Трамп, со чие посредување – како што наведе таа – беше воспоставено хуманитарно примирје.

Украинскиот омбудсман Дмитро Лубинец, исто така, потврди дека конвојот го напуштил градот, наведувајќи дека е доставена хуманитарна помош и дека евакуираните лица се на пат кон своите одредишта.

ИЗДВОЕНИ