Проектот има за цел унапредување на квалитетот на водоснабдувањето и намалување на загубите во водоводните системи во општините. Се предвидува зголемување на енергетската ефикасност и воведување современи решенија за одржливо управување со ресурсите со што, се очекува граѓаните да добијат подобри услуги и да се зајакне стабилноста на јавните претпријатија.

 

Подобро водоснабдување, намалување на загубите во водоводните системи, пониски трошоци за енергија и поефикасни комунални услуги се дел од придобивките што се очекуваат од новиот петгодишен проект „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија во Македонија“, вреден седум милиони швајцарски франци.

Проектот ќе се реализира во Берово, Битола, Кочани, Куманово, Радовиш, Струмица и Виница, а има за цел да ја подобри работата на јавните комунални претпријатија преку модернизација на инфраструктурата, воведување современи системи за управување со водните ресурси и зголемување на енергетската ефикасност.

За неговата реализација, Швајцарската Конфедерација преку Државниот секретаријат за економски прашања (SECO) обезбедува грант од 6,5 милиони швајцарски франци, додека Министерството за животна средина и просторно планирање учествува со дополнителни 500 илјади франци.

Официјалниот старт на проектот беше означен вчера на настан на кој присуствуваа претставници на општините, јавните комунални претпријатија, државните институции, меѓународните организации и донаторската заедница.

Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска оцени дека јакнењето на комуналниот сектор е еден од клучните предуслови за одржлив локален развој и поквалитетни услуги за граѓаните.

– Инвестициите во комуналниот сектор денес значат инвестиции во отпорноста на локалните заедници. Модерните јавни претпријатија обезбедуваат посигурно водоснабдување, поефикасно користење на ресурсите и повисок квалитет на живот за населението – истакна Лашкоска. Според неа, проектот е дел од пошироките заложби за создавање финансиски одржливи и климатски отпорни јавни услуги, усогласени со европските стандарди и целите на зелената транзиција.

Во рамки на проектот ќе се воведуваат меѓународни стандарди за воден биланс, ќе се интегрираат обновливи извори на енергија, ќе се воспостават системи за мониторинг на работењето и ќе се зајакнат управувачките капацитети на комуналните претпријатија.

Од Министерството очекуваат проектот да придонесе за намалување на техничките и комерцијалните загуби во системите, подобрување на финансиската стабилност на претпријатијата и поквалитетни услуги за граѓаните. Дополнително, подобрената комунална инфраструктура треба да ја зголеми атрактивноста на општините за нови инвестиции и да создаде подобри услови за локален економски развој.

Лашкоска нагласи дека станува збор за продолжување на долгогодишната соработка меѓу Македонија и Швајцарија во областа на водниот сектор и заштитата на животната средина, оценувајќи дека досегашното партнерство веќе дало видливи резултати во развојот на локалните заедници.

Проектот ќе се спроведува во наредните пет години и претставува дел од напорите за изградба на поефикасен и поотпорен комунален сектор, способен да одговори на растечките предизвици поврзани со климатските промени, управувањето со водите и одржливиот развој.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ