Норвешка испиша нова страница во својата фудбалска историја, откако со драматична победа од 2:1 над Брегот на Слоновата Коска се пласираше во осминафиналето на Светското првенство. Херој на скандинавскиот состав беше Ерлинг Халанд, кој во 86. минута го постигна победничкиот гол и ја однесе својата репрезентација меѓу 16 најдобри во светот.
По натпреварот, селекторот Столе Солбакен не ги криеше емоциите. Тој истакна дека неговите фудбалери одиграле против исклучително силен противник и дека победникот бил решен од мали детали.
- Игравме против фантастична репрезентација со неверојатно моќни играчи. Натпреварот постојано се менуваше, но мислам дека создадовме нешто повеќе шанси и затоа заслуживме да победиме. Сепак, ми е жал за нивниот селектор, бидејќи нијансите го решија мечот, изјави Солбакен.
Норвежаните поведоа преку Антонио Нуса во 39. минута, но Амад Дијало израмни во второто полувреме. Кога се чинеше дека следуваат продолженија, Халанд повторно ја покажа својата класа и со гол во финишот донесе огромна радост.
- Ако можев да го преживеам ова, можам да преживеам сè. Најгорд сум што тимот остана смирен и успеа повторно да поведе. По 28 години, повторно сме на Светско првенство и победивме на три од четири натпревари. Нашите навивачи ја освоија Америка, порача норвешкиот селектор.
За Норвешка, ова е историски успех и потврда дека по долгото отсуство од најголемата светска сцена повторно има репрезентација подготвена да се бори со најсилните селекции.











