Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис објави пакет целни економски мерки во вредност од 300 милиони евра за ублажување на ефектите од зголемувањето на цените на енергијата и инфлацијата предизвикана од војната на Блискиот Исток.
Првата компонента од пакетот предвидува директна субвенција за дизел гориво во дистрибутивната мрежа во износ од 16 центи по литар, што со ДДВ дава конечно намалување од околу 20 центи по литар. Мицотакис нагласи дека целта на оваа мерка е да се спречи зголемувањето на цените на горивата од понатамошно зголемување на трошоците за производство и цените на производите, објавува Катимерини.
Втората мерка вклучува воведување на Дигитална картичка за гориво, која ќе им овозможи на домаќинствата и транспортерите да имаат корист од бенефициите при купување гориво.
Во просек, оваа поддршка изнесува околу 36 центи по литар, што за просечна месечна потрошувачка од 70 литри значи заштеда од 50 евра на грчкото копно и 60 евра на островите во период од два месеци.
Третата компонента од пакетот се фокусира на земјоделците, кои се погодени од наглото зголемување на цените на ѓубривата.
Владата ќе субвенционира 15 проценти од износот на сметките за купување ѓубрива, со цел да се ублажи притисокот врз трошоците за производство и да се зачува профитабилноста на земјоделските стопанства.
Четвртата мерка се однесува на превозниците кои превезуваат патници и стока.
Државата ќе им исплати посебна компензација, но под услов да применат задолжителни попусти на цените на билетите. Целта е цените на превозот да се одржат блиску до нивото од претходната година, со што ќе се заштитат домашните потрошувачи и туризмот.
Премиерот Мицотакис нагласи дека дел од трошоците на пакетот ќе бидат покриени од јавни средства, додека значителен дел ќе биде финансиран од сектори со зголемена профитабилност, како што е индустријата за коцкање, со што ќе се намали товарот врз општеството како целина.
Со промена на оданочувањето на онлајн казината, државата очекува да генерира 100 милиони евра приходи што ќе придонесат за покривање на трошоците на пакетот.
Во своето обраќање, Мицотакис нагласи дека пакетот има за цел да ја зајакне отпорноста на грчките домаќинства и бизниси во време на глобална економска нестабилност, особено во енергетскиот сектор.












