четврток, јуни 4, 2026
Дома СКОПСКА Расчистени диви депонии на Пластичарската улица и во Старата скопска чаршија

Расчистени диви депонии на Пластичарската улица и во Старата скопска чаршија

45

Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ расчистиле две диви депонии лоцирани на булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска улица) и во Старата скопска чаршија.

– Локацијата на булеварот „Никола Карев“, на пресекот со улицата „Максут Садик“, веднаш до детското игралиште, претставува црна точка, каде што континуирано се фрла отпад на јавните и на сообраќајните површини. Во текот на своите последни активности на оваа локација, ЈП „Комунална хигиена“ отстрани приближно 25 кубни метри непрописно фрлен мешан комунален и кабаст отпад. По подигнувањето на отпадот, беше извршено машинско миење на просторот со употреба на автоцистерна – информираат од претпријатието.

Втората поголема интервенција за расчистување диви депонии била реализирана во Старата скопска чаршија, каде што биле подигнати 20 кубни метри непрописно фрлен мешан комунален, градинарски и кабаст отпад, во непосредна близина на културно-историскиот локалитет „Куршумли ан“, кој претставува културно наследство од особено значење за државата.

– Само во текот на изминатата недела, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје подигнаа и транспортираа 575 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје – соопштија од претпријатието.

Оттаму предупредуваат дека секое фрлање отпад надвор од наменски поставените садови претставува кршење на Законот за јавна чистота и директно ги загрозува животната средина и јавното здравје.

 

 

ИЗДВОЕНИ