среда, октомври 28, 2026
Дома БАЛКАН Протестниот марш Тирана без застој: Студентите продолжуваат да бараат оставка од Рама...

Протестниот марш Тирана без застој: Студентите продолжуваат да бараат оставка од Рама и да ги прошируваат протестите

17
EPA/MALTON DIBRA

Демонстрантите протестираа пред Министерството за образование и зградата на Владата, а потоа посетија неколку факултети, повикувајќи ги своите колеги да им се придружат.

Студентите во Тирана денеска продолжија со протестите 16-ти ден по ред, собирајќи се пред Министерството за образование, по што се упатија кон зградата на Владата и кон разни факултети, повикувајќи ги другите студенти да им се придружат, пренесуваат албанските медиуми.

Извикувајќи пароли како „Нема Албанија без младите“, „Рама, поднеси оставка“ и „Револуција“, демонстрантите го изразија своето противење кон Владата и политичката класа, повикувајќи ги студентите од другите факултети да се приклучат на протестот и да ја бојкотираат наставата, пренесува „Албаниан пост“.

Откако се собраа пред Министерството за образование, студентите маршираа кон зградата на Владата, а потоа се упатија кон Економскиот факултет, каде што ги повикаа студентите да им се придружат и да ги прекинат студиите.

Протестниот марш потоа продолжи кон Правниот факултет, со цел движењето да се прошири и на другите факултети при Универзитетот во Тирана.

За време на маршот низ албанската престолнина, студентите застанаа и пред Полициската управа, како и кај кружниот тек „Зогу и Зи“ (Zogu i Zi), пред да се вратат пред Министерството за образование.

На протестот им се придружија и неколку професори, меѓу кои и Љуш Сусај, кој ја критикуваше политичката класа за состојбата во земјата и нејзиното влијание врз перспективите на младите.

Студентските протести траат веќе повеќе од две недели; за време на претходните собири, демонстрантите ја одбија поканата на премиерот Еди Рама за дијалог. На 16-тиот ден од протестите, студентите се обидоа да го зголемат бројот на учесници, повикувајќи ги своите колеги од другите факултети да им се придружат.

ИЗДВОЕНИ