Македонскиот краткометражен анимиран филм „Неми Филмови“ на режисерот Крсте Господиновски ја доби наградата Гран при за анимација на Меѓународниот фестивал на краток филм во Тимимун, Алжир. Ова остварување неодамна беше награден и на фестивали во Индонезија и Унгарија, со што ја продолжува низата на меѓународни успеси.
На фестивалот во Тимимун, одржан од 5 до 10 ноември годинава, „Неми Филмови“ ја освои главната награда во категоријата анимација. Ова признание претставува значаен нов успех за филмот и дополнително го зацврстува неговото присуство на меѓународната фестивалска сцена. На CRAFT International Animation Festival, одржан од 23 до 28 октомври во Јогјакарта, Индонезија, пак, филмот доби специјално признание за најдобра кинематографија. Жирито во своето образложение го посочи иновативниот филмски пристап и долгиот, непрекинат кадар, преку кој се развива суптилен критички осврт кон доаѓањето на звукот во кинематографијата.
„Неми Филмови“ исто така доби и специјално признание во натпреварувачката програма „Мајстори“ на Primanima World Festival of First Animations, кој се одржа од 14 до 17 октомври во Будаерш, Унгарија. Кон овие успеси се надоврзува и признанието „Wreath of the Apedemak Brazil Tour“, доделено во рамките на Apedemak Brazil Tour на Sudan International Animation Film Festival, одржан на 1 ноември.
„Неми Филмови“ е приказна за созревањето на едно момче во мал киносалон на крајот од ерата на немиот филм, каде неговиот татко, некогашна филмска ѕвезда, се обидува да ја зачува старата слава прикажувајќи исклучиво неми филмови. Раскажан во еден непрекинат кадар, филмот ги истражува односот меѓу таткото и синот, приврзаноста кон минатото и неизбежноста на промените.












