НУ Завод и музеј – Струмица започна со реализација на проектот за конзервација на црквата „Св. Атанасиј“ во село Габрово, Општина Гевгелија. Црквата била подигната во 1851 година, што може да се види од записот на еден камен блок над крстот на западната фасада, што всушност претставува дел од првобитната црква. Според својот архитектонски облик, црквата е трикорабна со обоени дрвени тавани, од кои средниот ги надвишува двата странични кораба. На источниот ѕид има голема полукружна олтарна апсида, а на јужната и западната страна има отворен трем. Покривната конструкција, која е на две води, се држи на шест колони во два реда (по три столбови). Градител на овој храм е познатиот Андон Китанов.
Црквата добила фрескоживопис неколку години по нејзината изградба, во текот на втората половина 19 век од Димитар Андонов-Папрадишки. Исто така поседува иконостас исполнет со стари и нови икони кои потекнуваат од 19. и 20 век. Дел од иконостасните икони се дело на крушевскиот зограф Никола Михајлов.
Проектот за нејзина реконструкција е насочен кон заштита, зачувување и унапредување на состојбата на овој значаен сакрален објект, како дел од културното и духовното наследство на регионот.
Конзерваторските активности се реализираат под раководство на Славица Тасева, конзерватор архитект, а за спроведување на проектот се одобрени 500.000 денари во рамки на Годишната програма за финансирање проекти од областа на културата.
Со реализацијата на ваквите проекти, НУ Завод и музеј – Струмица продолжува со својата институционална заложба за заштита и долгорочно зачувување на културното наследство за идните генерации.












