Пензискиот систем во Македонија сѐ потешко ги сервисира своите обврски. И покрај растот на наплатата на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување, приходите не се доволни за исплата на пензиите, поради што повеќе од една третина од средствата за функционирање на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ) се обезбедуваат директно од државниот буџет.
Ова е нотирано во најновиот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија, кој втора година по ред изразува неповолно мислење и за финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето на Фондот со законите и прописите.
Бројките покажуваат дека приходите од придонеси во 2024 година достигнале 71,4 милијарди денари, што е за 14 % повеќе од претходната година. Но расходите за пензии пораснале на над 90,2 милијарди денари, создавајќи дупка која морала да биде покриена со буџетски трансфери. Во текот на 2024 година државниот буџет обезбедил 36,71 % од вкупните приходи на Фондот за ПИОМ. Практично, повеќе од секој трет денар исплатен за пензии не доаѓа од придонеси, туку од даноците што ги плаќаат граѓаните и компаниите.
Ревизорите предупредуваат дека проблемот дополнително се продлабочува поради неповолните демографски движења. На крајот на 2024 година во земјата биле регистрирани 556.294 осигуреници и 343.048 пензионери, што значи дека еден пензионер го финансираат само 1,63 осигуреници. Една година претходно соодносот бил 1 спрема 1,70, што укажува дека одржливоста на пензискиот систем и натаму се влошува.
Но, ревизијата открива и дека Фондот не ги префрла навреме придонесите за осигурениците кои се членови на вториот пензиски столб. Иако пресметките се изготвуваат и доставуваат навремено до надлежното министерство, исплатите до приватните пензиски друштва доцнат во просек околу два месеца. Заклучно со 27 февруари 2026 година, нераспределените придонеси кон приватните пензиски фондови достигнале речиси 2,6 милијарди денари. Тоа значи дека значителен износ средства што треба да бидат вложени на индивидуалните сметки на осигурениците остануваат непрефрлени, што отвора прашања за ефикасноста и навременоста на функционирањето на вториот пензиски столб.
Уште поголем е долгот кон здравствениот систем. Ревизорите утврдиле дека пензискиот фонд навремено не ги уплаќа придонесите за здравствено осигурување на пензионерите кон Фондот за здравствено осигурување. Во текот на 2024 и 2025 година исплатите доцнеле со месеци, а до крајот на февруари 2026 година доцнењето достигнало осум месеци. Неплатените обврски за периодот од јуни 2025 до јануари 2026 година достигнале 8,4 милијарди денари, односно околу 136,4 милиони евра. Иако пензионерите непречено ги користат здравствените услуги, ревизорите предупредуваат дека ваквата практика директно влијае врз ликвидноста на Фондот за здравствено осигурување и создава дополнителни финансиски притисоци врз здравствениот систем.
Покрај финансиските проблеми, извештајот открива и сериозни слабости во административното работење на институцијата. Не е воспоставена целосна евиденција за дел од движниот и недвижниот имот стекнат во стечајни постапки, пописот на земјиштето е нецелосен, а за дел од побарувањата не се утврдени ниту правниот основ ниту нивната застареност.
Ревизорите констатирале и недостаток на целосни податоци за средствата што се префрлаат од буџетот по основ на акцизи, како и за основите по кои се повлекуваат средства од сметката на Фондот. Забележани се слабости и во издавањето деловен простор под закуп, јавните набавки и во доделувањето станови во домовите за живеење на пензионерите.
Дополнителен ризик претставува хроничниот недостиг од стручен кадар. Според ревизијата, Фондот се соочува со сериозен недостаток на вработени во клучните сектори, особено во подрачните единици, информатичкиот сектор и внатрешната ревизија. Ова, според ревизорите, директно влијае врз квалитетот на услугите и ефикасноста на институцијата.
Загрижува и фактот што препораките на ревизорите и натаму не се спроведуваат во целост. Од 23 препораки дадени по ревизијата за 2023 година, само три се реализирани, додека осум остануваат целосно неспроведени. Извештајот испраќа јасна порака дека проблемите во Фондот не се сведуваат само на административни пропусти.
(С.Бл.)












