сабота, септември 26, 2026
Дома БАЛКАН Вучиќ му се јави на Путин неколку дена пред крајниот рок: „Се...

Вучиќ му се јави на Путин неколку дена пред крајниот рок: „Се надевам на решение“

1
EPA/SERGEY BOBYLEV

Србија се надева на уште едно продолжување на гасниот договор со Русија, изјави денеска претседателот Александар Вучиќ по телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, додека Белград се обидува да склучи подолгорочен договор.

Земјата и понатаму во голема мера е зависна од рускиот гас, но не успеа да обезбеди долгорочен договор откако претходниот тригодишен договор истече во летото 2025 година, па наместо тоа се потпира на краткорочни продолжувања, пишува француската агенција АФП.

„Договорот за гас истекува на 30 септември. Верувам дека по денешниот разговор ќе биде продолжен и дека ќе обезбедиме стабилно снабдување со гас“, напиша Вучиќ на Инстаграм по телефонскиот разговор.

Тој додаде дека Србија и понатаму ќе има корист од „добрата ниска цена на гасот од 318 евра за 1000 кубни метри, наместо да плаќа пазарна цена која моментално изнесува 868 евра“.

И покрај стремежите да се приклучи кон Европската Унија, Србија останува една од ретките европски земји кои и понатаму одржуваат блиски врски со Кремљ и по руската инвазија врз Украина.

Белград трпи и поради американските санкции насочени кон неговата најголема нафтена компанија, Нафтената индустрија на Србија (НИС), поради мнозинската руска сопственост, потсетува АФП, додавајќи дека за укинување на санкциите треба да се испочитува целосно повлекување на рускиот капитал.

Најновото укинување на американските санкции истекува на 30 септември.

„Разговаравме и за прашањето за Нафтената индустрија на Србија, со надеж дека ќе најдеме обострано прифатливо решение“, изјави Вучиќ.

Овој телефонски разговор би требало да биде еден од последните дипломатски контакти на Вучиќ како претседател, имајќи предвид дека најави оставка за 27 септември.

Тогаш ќе се кандидира за премиер на предвремените парламентарни избори на 25 октомври, чие одржување беше поттикнато од речиси двегодишните студентски протести против корупцијата.

ИЗДВОЕНИ