Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), поради основано сомнение дека сторил кривично дело „Проневера во службата“.
Според Обвинителството, осомничениот во периодот од ноември до декември 2024 година, како службено лице – претседател на ФФМ, прибавил противправна имотна корист од околу 660.000 евра за правно лице од Скопје, сума која го надминува прагот за значителна имотна корист.
Сомнежите произлегуваат од користењето на средства што ФФМ ги добила од УЕФА во рамки на програмата „HatTrick VI“, наменети за ревитализација на спортски терени и инфраструктура.
Во тие рамки, бил започнат проект за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, при што по одобрување од Управниот одбор била спроведена постапка за избор на изведувач. Од прибраните понуди, била избрана најповолна во вредност од околу 3,3 милиони евра без ДДВ.
Истрагата утврдува дека, иако во постапката не било предвидено авансно плаќање, ниту тоа било побарано од изведувачот, осомничениот спротивно на одлуката на Управниот одбор вметнал дополнителен услов во договорот – исплата на аванс од 20 проценти од вкупната вредност.
Дополнително, авансот бил предвиден да се исплати пред започнување на градежните работи и без обезбедување каква било банкарска гаранција или друг вид заштита на средствата.
Врз основа на таквиот договор, осомничениот го потпишал документот и на 17 декември 2024 година наложил исплата на околу 660.000 евра на сметка на избраната компанија
Од Обвинителството информираат дека постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, како и ризик осомничениот да влијае врз сведоци или да ја попречува истрагата.
Поради тоа, до судија на претходна постапка е доставен предлог за определување мерка притвор.












