На првата литургија во новосоздадената црковна општина утре заеднички ќе се соберат македонските православни верници во Салцбург, Австрија. Со благослов на надлежниот европски митрополит, Пимен, нашите сонародници од Салцбург и од околината го почнуваат својот организиран црковен живот во рамките на Европската епархија на МПЦ-ОА. По Виена, Линц и Филах, ова е четврта црковна општина што се формира во оваа земја, како резултат на желбите и на потребите на нашите сонародници.
Со службата ќе началствува надлежниот европски митрополит, Пимен, а со неа истовремено ќе се надополни празнувањето на големиот празник Рождество на Пресвета Богородица.
– Македонските православни верници во новата црковна општина добиваат свое духовно прибежиште и место за заедничка молитва, богослужение и негување на православната вера и на македонското духовно и културно наследство – соопштија од Европската епархија.
Надлежниот митрополит, Пимен, објаснува за весникот ВЕЧЕР дека низ сите години наназад, за потребите на верниците, досега се формирани 47 црковни општини во 14 европски земји.
– Општините се формираат на оние места каде што се појавува иницијатива од барем 150 семејства што сакаат да обезбедат услови, најпрвин за повремени богослужби, а потоа, според резултатите, и редовен литургиски живот за нашиот верен народ во таа околина. Салцбург е најновата од нив, која веќе утре ќе ја има првата литургија – изјавува владиката Пимен.
Европската епархија има четири намесништва, а најголем број црковни општини има во Германија – 15, во Словенија – 5, Италија, во Хрватска и во Англија по 4, Швајцарија – 3, во Шведска – 2, во Франција, Данска, Белгија, Луксембург и Холандија по 1…
Владиката Пимен додава дека формирањето нови црковни општини се должи и на сè поголемото иселување на населението од татковината.
– За радост на Епархијата, но и за жал за Македонија, се појавуваат сѐ повеќе и повеќе иницијативи насекаде во Европа. Тоа е плод на сè поголемиот бран иселеници, кои ја бараат својата егзистенција на Запад. Се основаат онаму каде што реално постои можност за нивно сериозно развивање. Откако ќе се согледаат првичните резултати, се официјализира општината. На некои места, сѐ останувало само на иницијатива. Бидејќи секогаш се води сметка и за тоа да не се премногу блиску една од друга општините за да не се раслојува верниот народ. И покрај желбата насекаде да имаме црковни општини, сепак, нема да се отворат во секој град или регион. Следна црковна општина, веројатно, ќе биде во Даун, Германија, и една во близина на Боденското Езеро, од германска или од швајцарска страна – објаснува владиката.
Тој додава дека сè уште не престанува актуелниот бран на иселување.
– Како последица на тоа, бројот постојано се зголемува и следствено и на тоа, и потребите за нови црковни општини. Во последно време се намалува бројот на иселување во Италија, а се зголемува во скандинавските земји, Германија, Швајцарија и во Хрватска. И, секако, Словенија, преку студентите. Јас и моето свештенство, потпомогнати од црковните одбори да бидеме секому сѐ, за да ги придобиеме и за да ги оцрковиме оние што имаат желба и вера за тоа, та еден ден сите заедно да застанеме рамо до рамо со сите оние што од памтивек Му благоугодиле на Бога, пред Престолот на Нашиот Бог Света Троица и со смелост да одговориме: „Еве нè Господи, мене и децата што ми ги даде Ти“ – наведува владиката Пимен. (Б. Ѓ.)
Сè почести крштавки и венчавки во странство
Митрополитот Пимен ни кажува дека постојано се зголемува и бројот на црковни обреди што се вршат во нашите цркви во оваа Епархија.
– Онаму каде што сѐ зголемува бројот на верниот народ, природно е да сѐ зголеми и бројот на големите црковни треби крштавки, венчавки и погребенија. Како илустрација во годините кога бев поставен за надлежен архијереј, црковните треби се броеја на една рака, а последниве неколку години, веќе бројот се движи помеѓу 500 и 600 големи треби. Сè почесто новородените се крштаваат во нашите цркви, дури и венчавките се почести, а и голем дел од починатите се погребуваат во новите татковини – наведува овој митрополит.












