Електронскиот товарен лист треба да донесе помалку документација, побрзи процедури и поефикасен транспорт, но за целосна имплементација се потребни интероперабилни системи и координација меѓу институциите и компаниите. И покрај забрзаната дигитализација на транспортот во Европа, хартиениот ЦМР и натаму останува доминантен во меѓународниот патен транспорт. Секоја година се користат околу 280 милиони ЦМР-документи, додека помалку од еден процент се електронски, односно eЦМР.
Предностите на eЦМР се повеќекратни. Електронскиот документ овозможува податоците да не се внесуваат повеќепати рачно, нема потреба товарниот лист физички да патува со возачот, а доказот за испорака може побрзо да биде достапен до сите учесници. Истовремено, се намалува ризикот од губење на документацијата, а информациите можат побрзо да се разменуваат меѓу транспортните и логистичките компании.
Важен чекор во оваа насока направи и Македонија. Во април 2026 година, земјата го ратификуваше Дополнителниот протокол кон Конвенцијата за договорот за меѓународен превоз на стоки по пат (ЦМР) во врска со електронскиот товарен лист, со што се создаде правна основа за користење е-ЦМР во меѓународниот патен транспорт. Со тоа, македонските превозници добиваат можност да бидат дел од системот на електронска размена на товарните листови, особено на транспортните релации меѓу држави што го применуваат протоколот.
За практична и широка примена е потребно да се воспостават системи што ќе можат меѓусебно да комуницираат, како и јасни процедури меѓу компаниите и институциите. За таа цел, вчера, во Скопје се одржа тркалезна маса „Кон транспорт без хартија и без бариери – Дигитален товарен лист, отворени граници“, каде што учествуваа претставници на бизнис-заедницата и релевантните државни институции, со цел да се разгледаат конкретните предизвици поврзани со имплементацијата на електронскиот товарен лист и надминувањето на административните и институционалните бариери.
(С. Бл.)










![[Интервју] Петре Арсовски – „Голема ѕвезда на македонскиот филм“: Со секој лик стануваш почовечен, и во добра и во лоша смисла](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2026/09/prva-4-100x70.jpg)

