Игроорната група на здружението на пензионери „Солидарност“ во Аеродром доби „виза“ за меѓународната ревија на песна, игра и оро што ќе се одржи во Љубљана, Словенија.
Станува збор за ревија популарно позната како фестивал на третата животна доба, кој е единствен од таков вид и содржина во Европа и кој традиционално се одржува со бројно учество на фолклорни и на уметнички ансамбли од разни земји.
Овој дострел со „кота“ на највисокото прво место аеродромските игроорци од третата животна доба го постигнаа со извонредната изведба на „Свадба“, со кореографската целина на „Обред“, „Адана“ и „Пембе“, во силна конкуренција на 26 здруженија на пензионери (од вкупно 58) на Републичката ревија на песна, игра и оро што се одржува под покровителство на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.
Со таа кореографија на „Свадба“ ќе блеснат и на сцената во Цанкаревиот дом на „Прешернова цеста 10“ во Љубљана, претставувајќи ја богатата фолклорна традиција со обичаи, адети, носии, низ песна, оро и музика со типично обележје на македонското поднебје. Заслужено, со цврст пензионерски и игроорски дух, со љубов и со почит и со прецизни чекори во промоцијата на традицијата за животот во младоста и во изминатите децении.
Битна улога и заслуга има и Виолета Кусева, претседател на Комисијата за културно-забавен живот при ЗП „Солидарност“, со организација, реализација и активно следење на сите активности од овој дел на третата животна доба.
Во рамките на фестивалската манифестација во Љубљана, на делегацијата на СЗПМ, која ќе ја придружува игроорната група, ѝ се отвораат можности за размена на искуства. Можности за дружби, контакти и нови сознанија имаат и македонските пензионери, учесници на манифестацијата.












