Почна процесот на враќање на средствата што компаниите ги уплатија по основ на поништениот солидарен данок, при што досега се исплатени околу 990 милиони денари кон дел од фирмите.
Од Министерството за финансии информираат дека вкупната сума собрана по овој основ во 2023 година изнесувала околу 3 милијарди денари. Планот предвидува половина од средствата да им бидат вратени на компаниите во текот на овој месец, додека остатокот ќе се исплаќа во март 2027 година.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, посочува дека моделот за поврат е утврден во координација со бизнис-секторот, со цел процесот да биде фер и да не предизвика финансиски притисок врз државниот буџет.
Солидарниот данок беше воведен во 2023 година и ги опфати компаниите со годишни приходи над 615 милиони денари, при што 156 фирми уплатија вкупно 49,2 милиони евра. По одлуката на Уставниот суд со која законот беше поништен, државата се обврза да ги врати наплатените средства.
Исплатата се врши врз основа на барања поднесени до Управата за јавни приходи, а досега вакви барања доставиле 117 компании. Надлежните најавуваат дека процесот ќе продолжи во наредниот период, согласно со утврдената динамика.












