Активностите за изградба на новата пристапна улица во Ќерамидница се одвиваат со предвидената динамика. Улицата ќе овозможи директен и побрз пристап кон станбениот комплекс „Космос“.
Според Општина Гази Баба, овој значаен инфраструктурен зафат претставува уште еден чекор кон подобрување на секојдневниот живот на граѓаните.
Овој проект се реализира по барање на жителите од овој дел на Ќерамидница, што, како што велат општинските власти, уште еднаш потврдува дека е слушнат нивниот глас и преточен во конкретни дела.
– Продолжуваме со силно темпо во реализацијата на инвестиции во патната инфраструктура, со јасна визија за модерно и поврзано урбано живеење. Секој нов проект значи поголема безбедност, подобра комуникација и поквалитетен живот за сите – соопштија од локалната самоуправа.
Оттаму најавија дека во најскоро време ќе започнат и со комплетна реконструкција на улицата „519“ во Ќерамидница, една од главните сообраќајни артерии во оваа населба. Со оваа реконструкција ќе се подобрат протокот на сообраќај, безбедноста на учесниците и целокупниот изглед на просторот.












