петок, август 14, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Се реконструира градската капела, следната недела голема акција за чистење на гробиштата

Се реконструира градската капела, следната недела голема акција за чистење на гробиштата

39

Во Куманово, во тек е реконструкцијата на капелата во гробиштата. Станува збор за проект што е во вредност од 36 милиони денари, а се реализира преку Министерството за транспорт и врски и Владата на Република Македонија.

– Ова е проект за кој аплицираше Општина Куманово директно во Министерството за транспорт и врски. Избраните изведувачи сега ја реализираат целосната реконструкција на капелите и партерното уредување. Верувам дека ќе завршат работите во предвидениот рок – истакна градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски. 

Тој најави дека следната недела ќе се одржи голема акција за чистење на градските гробишта, во пресрет на празникот Голема Богородица.

– Ги поканувам сите граѓани што имаат семејни гробни места да се вклучат, бидејќи тоа е нивна обврска кон сопствениот имот, за заедно да му дадеме достоинствен лик на местото каде што почиваат нашите предци – рече Димитриевски.

Директорот на претпријатието „Чистота и зеленило“ –Куманово, Сашо Томиќ, кажа дека ќе обезбедат опрема, алатки и поддршка од општествено-одговорни компании за акцијата.

Претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, рече дека во акцијата ќе учествуваат сите советници.

Притоа, сите апелираа сопствениците на семејни гробни места да се вклучат во големата организирана акција за чистење на градските гробишта, која ќе се одржи следната недела. 

 

ИЗДВОЕНИ