Пожарот во прилепскиот дел на Мариово, кој синоќа зафати делови од селото Чаниште, повторно се активирал денеска околу пладне поради засилен ветер. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека огнената линија во моментов се протега на околу 20 километри, од течението на Црна Река до врвот Маргаро.
На терен се прилепските пожарникари, тимови на ДЗС составени од доброволци од Битола, а дополнително се ангажирани и доброволци од Кочани и Виница. Главна задача во текот на ноќта, како што посочи Ангелов, е заштитата на селото Крушевица, кое се наоѓа на неколку километри од местото на пожарот.
Работата ја отежнуваат високата сува трева и ветерот, кој постојано дува. Во гаснењето биле ангажирани и „ер трактори“ на ДЗС, кои успеале да прекинат дел од огнената линија и значително да го намалат делот што го загрозува блискиот манастир и селото.
Ангелов посочи дека пожарот во моментов е најголем во Македонија. Тој информираше и за состојбата на другите критични места, додавајќи дека пожарот на подрачјето на Старо Нагоричани е ставен под контрола, додека кај село Слеп останале само остатоци од огнот.
Во однос на последиците од пожарот во Чаниште, Ангелов појасни дека куќите што изгореле синоќа биле одамна напуштени.
„Не изгоре ниту една куќа во која што активно живеат луѓе“, посочи тој, додавајќи дека десетината жители на селото се вратиле во своите домови по стресот што го преживеале.
Сепак, постои можност да е изгорена и некоја куќа која сопствениците ја користеле како викендичка или за повремен престој.












