Војната на Русија против Украина би можела да достигне „пресвртница“ следната година, што би можело да доведе до пораз на Москва, изјави претседателот на Латвија, Едгарс Ринкевичс, за британската новинска агенција „Ројтерс“. Како фактори што придонесуваат за тоа, тој ги наведе влошувањето на состојбата во руската економија и зголемениот меѓународен притисок.
Ринкевичс, кој престојува во Њујорк за да претседава со Советот за безбедност на Обединетите нации за време на ротирачкото претседавање на Латвија, изјави дека не верува оти Москва е искрено заинтересирана за завршување на војната. Тој посочи дека Москва веројатно ги гледа сите нови преговори за прекин на огнот само како изговор за продолжување на својата целосна инвазија.
Украина се соочува со „совршена бура“ – комбинација од сурова зима, засилени напади врз енергетската инфраструктура и сè почести удари врз цивилни цели. Сепак, Ринкевичс истакна дека Европа е подготвена да му помогне на Киев преку воена, финансиска и инфраструктурна поддршка, како и дека Украина во повеќе наврати ја покажала својата издржливост.
„Ако видиме дека Украина издржува – како од воен, така и од економски аспект (а сигурен сум дека Украина ќе издржи) – тогаш следната година, на пролет или лето, би можела да настапи пресвртница“, рече претседателот на Латвија. Покрај притисокот врз руската економија, постои и растечки политички консензус за потребата од завршување на војната, рече Ринкевичс, укажувајќи на напади во кои загинаа индиски морнари или беа погодени бродови од Филипините и други земји.
„Бројот на земји што вршат притисок се зголемува, па затоа пресвртница би можела да се случи на пролет или лето“, рече тој, додавајќи дека војната се шири надвор од непосредниот регион.
Тој исто така изрази загриженост поради сè почестите „хибридни активности“ насочени против европските земји – кои веројатно се поврзани со Москва – а вклучуваат нарушувања на воздушниот простор, сајбер-напади и акти на саботажа.
Русија досега внимаваше да не ја премине „црвената линија“ што би го активирала членот 5 од Договорот на НАТО – кој ги обврзува земјите-членки да си помагаат меѓусебно – но таа станува сè похрабра, додаде тој. „Врз основа на она што го гледаме сега, Русија е многу, многу внимателна да не ја премине таа линија. Во исто време, постои уште еден тренд: растечка подготвеност за преземање ризици во рамките на Русија“, рече тој, истакнувајќи дека бројот на акти на саботажа, обиди за подметнување пожари и напади врз субјекти кои се наклонети кон Украина е значително зголемен во споредба со 2022 година, кога Москва ја започна својата целосна инвазија.
Кремљ постојано негира дека извршува акти на саботажа во земјите на НАТО или дека планира каков било конфликт. Кремљ не е убеден во потребата Европа да се вклучи во разговорите за Украина.
Кремљ денеска изјави дека не е убеден оти Европа треба да биде вклучена во преговорите за Украина, кои се предводени од САД, напоменувајќи дека ставовите се разликуваат, пренесе руската новинска агенција ТАСС.
„Ставовите се разликуваат. Сè уште не ни е целосно јасно каква дополнителна вредност би можело да донесе европското учество во преговорите меѓу Русија и Украина, предводени од САД, ниту пак каков дополнителен придонес би дало тоа во процесот на мирно решавање“ на конфликтот, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно предложи Франција, Германија, Обединетото Кралство, Италија и Полска – заедно со Европската комисија, Европскиот совет и НАТО – да ја претставуваат Европа на претстојните разговори, за кои сè уште не е одреден датум.
Од своја страна, рускиот претседател Владимир Путин ги покани европските претставници во Москва на разговори, пред нивното евентуално учество во директни преговори.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет сè уште нема дадено одобрение за испорака на околу 60 пресретнувачи од типот PAC-2 и PAC-3, наменети за противвоздушните системи „Патриот“ што САД се согласија да ѝ ги испорачаат на Украина – од кои некои веќе се наоѓаат во европските арсенали – објави британскиот весник „Фајненшел тајмс“ (The Financial Times). За извозот на овие ракети од американско производство – вклучително и оние што ги набавиле европските сојузници на Киев – потребно е одобрение од Пентагон.
Било предвидено во септември да бидат испорачани осум ракети PAC-3, во октомври десет, во ноември десет и во декември 12; сепак, ниту една од овие пратки сè уште не е одобрена, пренесува британскиот весник. На Украина ѝ се доделени и приближно 20 ракети „ПАК-2“ (PAC-2) – постар модел – но нивната испорака сè уште не е реализирана, додава „Фајненшел тајмс“ (Financial Times).
Пентагон сè уште нема дадено овластување за лиценцирано производство на пресретнувачи за системот „Патриот“ во Украина, иако американскиот претседател Доналд Трамп дал начелно одобрение уште во јули, наведува британскиот весник, пренесе „Бета“.












