Британскиот боксер Тајсон Фјури (38) откри дека му е дијагностицирана шизофренија и проговори за својата долгогодишна борба со менталното здравје. Тој зборуваше за тешкиот период од својот живот, за кариерата и за приватниот живот, во новиот документарец достапен на „Нетфликс.“
Боксерскиот великан открива дека му е дијагностицирана шизофренија додека детално го опишуваше своето ментално здравје, нарушувањето во исхраната и трауматското детство со отсутен татко и уништена мајка од 10 спонтани абортуси. Тој, исто така, има биполарно растројство, депресија, анксиозност, опсесивно-компулсивно растројство и нарушување на вниманието и хиперактивност (ADHD).
Слушал гласови, се борел со депресија и анксиозност и сè повеќе се свртувал кон алкохол и дрога.
Фјури се присетил на менталниот нервен слом што следувал по неговата победа над Владимир Кличко во 2015 година за да стане светски шампион во тешка категорија. И покрај најголемиот успех во неговата кариера, тој почнал да го губи чувството за цел, а неговата ментална состојба постепено се влошувала.
Според него, тој почнал да слуша гласови, да се бори со депресија и анксиозност и сè повеќе да се свртува кон алкохолот и дрогата. Лекарите му дијагностицираа шизофренија, биполарно растројство, депресија, анксиозност, опсесивно-компулсивно растројство и ADHD.
„Го имав светот в раце и фрлив сè. Јас сум само шизофреничар зависен од алкохол и дрога. Изгубив сè за што некогаш ми беше грижа“, рече Фјури.
Неговата сопруга Парис, исто така, зборуваше за неговата состојба, велејќи дека забележала знаци кога биле тинејџери. Во документарецот, таа се присети на моментот кога лекарите му ја објасниле дијагнозата на нејзиниот сопруг: „Лекарите рекоа дека е благо шизофреничар. Дури и тогаш, тоа не ми имаше смисла. Реков: Немој да бидеш смешен, за што зборуваат, шизофренија? Манијаците се шизофреничари, ти не си шизофреничар. Никогаш порано не сум слушнала за биполарно растројство. Кога некој, всушност, ми го објасни, бев воодушевена“, рече Парис.
Семејството поминало низ тешки трагедии
Документарецот, исто така, во детали ги опишува тешките семејни моменти што го одбележаа животот на Фјури. Во 2014 година, Парис го загуби своето дете во петтиот месец од бременоста. Двојката го однела детето дома и го закопале во градината.
Кратко потоа, починал и чичкото на Тајсон, Хјуи, кој бил негов тренер. Парис признала дека не зборувале за болката низ која минувале во тој момент. Фјури се обидел да ја потисне тагата и да продолжи понатаму, чувствувајќи дека мора да биде силен за своето семејство.
„Јас сум оној што мора да биде силен, јас сум оној што мора да се преправа дека сè е во ред“, рекол боксерот. Фјури, исто така, зборувал за својата исхрана и за проблемите со тежината во документарецот. Тој признал дека во тешките периоди имал екстремни промени во однесување, од прегладнување до компулсивно прејадување.
„Целиот живот имам проблем со тежината. Се обидувам, па зошто не сум во форма како борците од минатото? Јас сум личност што бара утеха во храната. Ако работите не одат добро, или ќе се изгладнам до смрт или ќе јадам многу нездрава храна“, рекол тој.
По долга пауза и борба со менталното здравје, Фјури успеа да се врати во професионалниот бокс. Тој повторно стана светски шампион, а денес се потпира на семејството, тренинзите и на поставувањето краткорочни цели. Неговата исповед носи поинтимен поглед на животот на еден од најпознатите боксери на неговата генерација и проблемите со кои се соочувал надвор од рингот.












