вторник, ноември 24, 2026
Дома МАГАЗИН Инцидент во резиденцијата на принцот Вилијам: Уапсени двајца мажи по пријава за...

Инцидент во резиденцијата на принцот Вилијам: Уапсени двајца мажи по пријава за провала

0

Двајца мажи се уапсени на кралскиот имот Сандрингем, соопшти денеска британската полиција, откако било пријавено провалување во селската резиденција на принцот Вилијам и принцезата Кетрин.

Полицијата во Норфолк изјави дека полициски службеници биле повикани синоќа по добиени пријави за „сомнителни активности“ на локација во рамките на имотот, кој се наоѓа во источна Англија.

По претресот во кој учествуваа полициски кучиња, дронови и хеликоптер, двајца мажи беа уапсени под сомнение за провала и неовластен упад на имот.

Од полицијата наведоа дека „објектот бил празен во моментот на инцидентот“.

Британскиот весник „Сан“ објави дека маскирани мажи влегле во „Анмер Хол“ (Anmer Hall) во понеделникот вечерта, кога Вилијам, Кејт и остатокот од нивното семејство не биле таму.

Вилијам денеска престојуваше во Лондон, каде што се сретна со британскиот премиер Енди Бернам.

Канцеларијата на Вилијам и Кејт во палатата Кенсингтон соопшти дека нема да даваат коментари за прашања поврзани со безбедноста.

„Анмер Хол“, кој има 10 спални соби, бил свадбен подарок за двојката од покојната кралица Елизабета Втора. Вилијам и Кејт ја користат куќата – лоцирана на околу 171 километар северно од Лондон – како селска резиденција за викендите. Двојката, заедно со своите три деца, поголемиот дел од времето го поминува во „Форест Лоџ“ (Forest Lodge) во Виндзор, западно од Лондон – резиденција што ја опишаа како свој „постојан дом“.

Низ годините, неовластени лица во повеќе наврати успевале да влезат на имотите на кралското семејство.

Во октомври 2024 година, натрапници влегле на територијата на замокот Виндзор, западно од Лондон, и украле пикап возило и четирицикл (квад) од помошен објект на фарма. Кралот Чарлс и кралицата Камила во тој момент не биле во замокот Виндзор.

Три години претходно, на имотот на замокот бил фатен маж вооружен со самострел. Џасвант Синг Чаил подоцна беше осуден на девет години затвор, откако призна дека бил поттикнат да ја убие кралицата Елизабета од страна на чет-бот (програма за вештачка интелигенција).

Во 1982 година, еден натрапник по име Мајкл Фаган успеа да се вовлече во приватните одаи на кралицата додека таа била во кревет. Кралицата поминала 10 минути во разговор со натрапникот, а потоа го алармирала обезбедувањето откако тој побарал цигара. Фаган бил испратен во психијатриска болница, подоцна бил пуштен на слобода, а на крајот завршил во затвор поради други кривични дела, кои не биле поврзани со овој случај, пренесува „Бета“.

ИЗДВОЕНИ