среда, август 12, 2026
Дома СКОПСКА Се оформува мегапаркот – „зеленото срце на Бутел“

Се оформува мегапаркот – „зеленото срце на Бутел“

1

Покрај булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ интензивно се оформува новата зелена приказна, „зеленото срце“ на Бутел.

Станува збор за мегапарк со вкупна површина од 50.000 квадратни метри, кој претходно беше запуштен простор, депонија.

Првиот дел, на површина од 8.000 квадратни метри, е речиси целосно завршен и опфаќа богати зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки, фитнес-зони и содржини за сите генерации.

Станува збор за простор за децата, за младите, семејствата, пензионерите, секој граѓанин.

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека паралелно се работи и на вториот, значително поголем дел од паркот, на површина од 42.000 квадратни метри, кој целосно ќе биде хортикултурно и содржински уреден.

– Целиот комплекс ќе располага и со сопствен систем за наводнување со техничка вода, со што обезбедуваме долгорочно и одржливо одржување на зеленилото. Повеќе зеленило значи почист воздух, помалку урбана жештина, поздрава животна средина и поквалитетен живот. Затоа секое ново дрво, секоја нова зелена површина и секој нов парк се инвестиција во здравјето и иднината на Скопје – нагласи Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека се вложува рамномерно во секоја општина и во секое маало, затоа што, како што кажа, секој граѓанин заслужува чист, уреден и достоинствен простор за живот.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ