Четирите малолетнички кои брутално малтретираа 13 годишно девојче во паркот во населбата Ѓорче Петров добија судска мерка упатување во воспитно-поправен дом. Судијата за деца во Основниот кривичен суд Скопје за две од децата изрече мерка во траење од една година, а за другите две девојчиња таа изнесува по осум месеци.
Станува збор за случајот што ја вознемири јавноста, а за кој весникот ВЕЧЕР прв ги објави деталите, откривајќи го бруталното малтретирање на ученичката од шесто одделение. Три повозрасни девојчиња ја нападнале сред бел ден во паркот во Ѓорче Петров, во близина на старото „вовче“, ја тепале, ја гореле со цигари и ја принудувале да јаде кучешки измет. Дел од насилството било снимано со мобилен телефон, а причината за нападот, според информациите што ги објавивме, била конфликт преку социјалната мрежа Инстаграм. Девојчето по преживеаната траума побарало лекарска и психијатриска помош.
По објавата на ВЕЧЕР, случајот предизвика лавина реакции во јавноста, а се активираа и надлежните институции. МВР поднесе кривични пријави против четири малолетнички, една на возраст од 17 години и три на возраст од 14 години, за кривичното дело „насилство“. Обвинителството потоа поднесе барање за поведување подготвителна постапка пред судијата за деца, оценувајќи дека постои основано сомнение дека девојчињата учествувале во насилство врз 13-годишната ученичка во два одвоени настани.
Но, постапката не застана само кај директните учеснички во нападот. Во исто време, до ОЈО Скопје беа доставени и шест кривични пријави против родители за „запуштање и малтретирање дете“, со сомнение дека ја запоставиле должноста за грижа и воспитување на своите деца. Обвинителството тогаш информираше дека по овие пријави ќе се обезбедуваат докази и ќе се проверуваат наводите.
Со судската одлука, четирите девојчиња првостепено добија воспитно-поправна мерка. (П.А.)












