Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во изјава за медиумите истакна дека е во тек тендерот за избор на најповолна фирма изведувач и дека очекува за една година да се санира земјиштето што беше причина за пропаѓање на патот за Теферич. Деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски, истакна за весникот ВЕЧЕР дека во нивното стручно мислење, кое било побарано,  препорачале да се направи детална анализа за стабилноста на теренот на пошироката локација. – На тоа треба да претходат геотехнички истражни работи, со што се утврдуваат градбата  на теренот, материјалите, карактеристиките и тоа какви механички карактеристики имаат тие материјали. Потоа, треба да се утврди рамнината на свлекување. Паралелно треба да се направат и геодетски снимања – наведе Јосифовски. Тој, исто така, спомена дека треба да се предвидат и потпорни конструкции, бидејќи, како што кажа, станува збор за сериозни деформации, но треба да има и дренажни канали за одводнување. Воедно, нагласи, не треба да се остава долго време за да се изврши санацијата, бидејќи, како што вели, одложувањето не ги решава проблемите. Според него, ако се реализира брзо, санирањето ќе биде полесно и поевтино

 

За една година ќе се санира лизгањето на земјиштето што го оштетува патот кон Теферич. Откако Министерството за транспорт ја презеде обврската за санирање од Општина Кисела Вода, распишан е тендер, кој е во тек. Преземањето беше извршено со одлука на Владата, бидејќи, како што истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар  Николоски, ниту Општината ниту Градот Скопје имаат капацитет да се справат со проблемот, за кој нагласи дека е сложен и бара експертиза.

–  Таму има движење на земјиштето, кое е многу комплицирано, многу слично на она со што се соочивме на автопатот Кичево. Се работи за проблематика што е доста сложена, што бара голема стручност. Затоа сметавме дека е добро да го преземе Министерството за транспорт, со експертите што ги имаме и на тој начин да се санира проблемот – нагласи Николоски за медиумите.

Тој објасни дека ако се гледа буџетски, тоа не е некој голем проект, туку повеќе е инженерски и технички и, како што рече, поради тоа е решено да го преземе Министерството за транспорт.

– Експерти што се занимаваат со оваа работа има и во Министерството, ги има во Јавното претпријатие за државни патишта и ги консултираме за оваа работа. Во моментов има тендер за избор на изведувач – изјави Николоски.

Тендерот за избор на фирма изведувач на санирањето трае до 20 август. Откако ќе се избере најповолната, ќе започнат работите.

– Многу е важно теренот да е сув, затоа оставаме една година. Но, треба да видиме и каква ќе биде зимата. Сепак, се претпоставува дека за една година треба да се заврши како што треба – наведе Николоски.

Деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски, истакна за весникот ВЕЧЕР дека во нивното стручно мислење, кое било побарано, препорачале да се направи детална анализа за стабилноста на теренот на пошироката локација.

– На тоа треба да претходат геотехнички истражни работи, со што се утврдуваат градбата  на теренот, материјалите, карактеристиките и тоа какви механички карактеристики имаат тие материјали. Потоа, треба да се утврди рамнината на свлекување. Паралелно треба да се направат и геодетски снимања – наведе Јосифовски.

Според него, на тој начин ќе се има целосна слика за свлечиштето и врз основа на сето наведено, ќе може со сигурност да се утврди кои мерки и методи би биле соодветни за да се стабилизира тоа.

– Сè што ќе се преземе без да се направи наведеното, би било погрешно. Мора темелно и систематски да се одвиваат сите фази во делот на истрагите и проектирањето за да се добие одржливо решение, кое ќе гарантира дека нема да се јави свлечиште – дециден е Јосифовски. 

Тој, исто така, спомена дека треба да се предвидат и потпорни конструкции, бидејќи, како што кажа, станува збор за сериозни деформации, но треба да има и дренажни канали за одводнување.

– Се јавува свлекување кога ќе навлажни материјалот, затоа е многу битно да се обезбедирешение за одводнување, но и проект за вегетација, бидејќи и растенијата помагаат во спречување на појавата на свлечиште – смета Јосифовски. 

Воедно, тој нагласи дека не треба да се остава долго време за да се изврши санацијата, бидејќи, како што вели, одложувањето не ги решава проблемите.

– Времето на реализација кај ваквите проблеми е битен фактор. Ако се реализира брзо, санирањето ќе биде полесно и поевтино – заклучи Јосифовски.      

Жителите од Кисела Вода на крајот од февруари годинава реагираа на пропаѓањето на патот за Теферич, иако пет месеци пред тоа патот беше реконструиран. По укажувањето на жителите, Општина Кисела Вода го завтори патот за сообраќај.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ