– Стручните лица веќе излегоа на увид на терен и во моментов се чекаат нивните детални анализи и стручно мислење. Откако ќе ни биде доставено нивното мислење, јавноста ќе биде информирана за следните чекори – велат од Општина Кисела Вода. Градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, објасни за ВЕЧЕР дека не е патот под нивна надлежност, но дека имаат интерес тој што побргу да се санира, бидејќи во најголем дел го користат жителите од нивната општина. Притоа, објасни дека Градежниот факултет треба да изработи предлог-решение врз основа на кое ќе се изработи проект за санирање на патот
Општина Кисела Вода бара начин да се санира патот кон Теферич, кој го затвори пред две недели, откако реагираа жителите дека е пропаднат, дека е распукан асфалтот, поради што е небезбеден за сообраќај. Оттаму информираа дека побарале стручно мислење од експертите од Градежниот факултет во Скопје.
– Стручните лица веќе излегоа на увид на терен и во моментов се чекаат нивните детални анализи и стручно мислење. Откако ќе ни биде доставено нивното мислење, јавноста ќе биде информирана за следните чекори – велат од Општина Кисела Вода.
Оттаму нагласуваат дека остануваат во координација со сите релевантни институции во врска со решавањето на проблемот и дека безбедноста на граѓаните е нивни приоритет и оти нема да дозволат таа да биде загрозена.
Градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, објасни за весникот ВЕЧЕР дека не е патот под нивна надлежност, но дека имаат интерес тој што побргу да се санира, бидејќи во најголем дел го користат жителите од нивната општина. Тој повтори дека е побарано мислење од Градежниот факултет, како најкомпетентен, за решавање на настанатиот проблем.
– Тие треба да изработат предлог-решение врз основа на кое ќе се изработи проект за санирање на патот – објасни Мицевски.
Жителите од Кисела Вода и од околината на Теферич реагираа дека иако бил поправан пред пет месеци, патот до ова место повторно пропаднал, со што, како што велат, се доведува во прашање нивната безбедност. На социјалните мрежи, со фотографии на кои се гледаше дека е патот во сериозна состојба, тие предупредуваа да се избегнува.
Ѝ предлагаа на Општина Кисела Вода да го забрани движењето на тешки товарни возила по овој пат.
Веднаш потоа увид извршија градоначалничката на Општина Кисела Вода и градоначалникот на Општина Сопиште, Бети Стаменкоска-Трајкоска и Јане Мицевски, по што беше затворен патот за сообраќај.
Стаменкоска-Трајкоска тогаш истакна дека е сторено тоа врз основа на извршените стручни анализи, а во координација со сите релевантни институции. Таа упати апел до сите граѓани доследно да ја почитуваат поставената сигнализација и да ги користат алтернативните патни правци, сè до целосно отстранување на дефектот.
Овој пат беше реконструиран пред пет месеци. Санацијата започна во мај и траеше до септември минатата година. Но, поради силниот дожд, новиот асфалт беше оштетен и имаше свлекување на патот.
Уште во септември 2019 година беше затворен патот цел месец, поради реконструкција и опасност од свлечиште, а потоа беше повторно отворен. Но, по неполн месец, во октомври, повторно беше затворен, по што повторно беше обновен и пуштен во употреба.
Ниту во октомври коловозот не издржа повеќе од неколку недели и повторно беше затворен во ноември, за на крајот повторно да биде саниран и пуштен во употреба во декември.
Потоа, во 2024 година, земјиштето повторно го „проголта“ патот и направи сериозно оштетување, поради што беше пропаднат асфалтот буквално половина. Поради локацијата на огромната дупка, која се наоѓаше веднаш зад свијокот на патот, безбедноста на возачите беше енормно загрозена.
Потоа, пред девет месеци, градоначалниците на Кисела Вода и на Сопиште повторно апелираа да не се користи патот што води преку Теферич, бидејќи тогаш не беше безбеден за сообраќај.
(А. П.)












