
По слабиот резултат на локалните избори, се засилува притисокот врз британскиот премиер, Кир Стармер, да даде оставка. Оставка побараа и 80 пратеници од неговата Лабуристичка партија, како и дел од Владата.
Министерката за заедници и домување, Мијата Фанбулех, е првата што поднесе оставка во вторникот, а според „Дејли телеграф“, шестмина министри ќе побараат оставка од Стармер, меѓу кои и министрите за надворешни работи, одбрана и за култура.
По успехот на лабуристите на изборите пред две години, нивниот рејтинг е драстично намален и многумина го обвинуваат Стармер за тоа. Партијата доживеа тежок пораз на локалните избори во Англија, Шкотска и во Велс минатата недела и стравува дека би можела да ја загуби власта на следните избори, предвидени за 2029 година.
Стармер рече дека ја презема одговорноста за резултатите од изборите, како и одговорноста за спроведувањето на ветената промена.
– Земјата очекува од нас да продолжиме со владеењето. Тоа е она што го правам и она што мора да го направиме како кабинет – кажа Стармер.











