Општина Илинден, во соработка со ЈКП „Водовод“, продолжува со активностите за подобрување и модернизација на водоводната мрежа на своја територија. Во тек се градежните активности за реконструкција на водоводната мрежа на улицата „9“ во населеното место Илинден.
– Со реконструкцијата се спроведува целосна модернизација на водоводната мрежа на траса од околу 1.200 метри, при што се вградуваат нови и современи цевководни решенија што ќе придонесат за поголема сигурност, ефикасност и подобра функционалност на системот за водоснабдување. Во рамките на проектот, особено внимание ѝ е посветено на употребата на висококвалитетни материјали и опрема што ги исполнуваат релевантните европски стандарди, со што се обезбедуваат долгорочна одржливост и зголемена отпорност на водоводната инфраструктура – соопштија од Општина Илинден.
Притоа, додаваат дека реконструкцијата ќе овозможи постабилно водоснабдување, подобрен притисок во мрежата, намален ризик од дефекти и прекини, како и намалување на загубите на вода. Дополнително, со предвидените подземни и надземни противпожарни хидранти се зголемува безбедноста на населението и на имотите во овој дел од Општината.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека се работи за инфраструктурен проект од особено значење за локалното население, со кој по повеќе од четири децении се решава проблемот со дел од постојната водоводна мрежа, која не била во функција, како и проблемите со намалениот притисок во водоснабдувањето, особено во летниот период.












