Од СДСМ реагираат дека последните официјални податоци за државниот Буџет покажуваат, како што велат, „сериозна и загрижувачка состојба“, со буџетски дефицит кој веќе достигнал 408 милиони евра за само три месеци од годинава.

Од партијата наведуваат дека тоа претставува реализација на околу 63 % од планираниот годишен дефицит, што според нив е директен показател за „лошо водење на економските политики“. Тие тврдат дека приходната страна е реализирана на ниво од околу 20 %, што, како што велат, укажува на слаб капацитет за прибирање приходи.

Во реакцијата се посочува дека ваквата состојба ќе води кон ново задолжување и дополнителен товар за граѓаните, при што се критикуваат и економските политики поврзани со платите, пензиите и минималната плата. СДСМ наведува и дека има пад на странските инвестиции, затворање на компании и отпуштања на работници, како и долгови на државата кон стопанството по основ на ДДВ.

Од опозициската партија оценуваат дека ваквите движења ја продлабочуваат буџетската дупка и ја зголемуваат економската неизвесност во земјата.

Наспроти ваквите реакции, од Министерството за финансии соопштија дека се реализираат редовни трансфери на средства од централниот Буџет кон Развојната банка, со цел поддршка на домашните компании. Според соопштението, на 28 април 2026 година е префрлена нова транша од 176,6 милиони денари (околу 2,9 милиони евра), која претставува втора исплата годинава. Средствата преку Развојната банка понатаму се пласираат преку комерцијалните банки до крајните корисници – домашните компании.

Досега, како што информираат од Министерството, во економијата се пласирани вкупно 14 милијарди денари или 227,3 милиони евра. Средствата се обезбедени преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка и се наменети за поддршка на инвестиции и економски пораст. Кредитната линија предвидува поволни услови за компаниите, со каматна стапка од 1,95 %, рок на отплата до 15 години и грејс период до 3 години. Вкупниот предвиден буџет за оваа намена изнесува 250 милиони евра, додека инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра.

ИЗДВОЕНИ