понеделник, ноември 2, 2026
Дома СВЕТ Утре Американците гласаат – Републиканците може да доживеат историски пораз, но ерата...

Утре Американците гласаат – Републиканците може да доживеат историски пораз, но ерата на Трамп ќе го надмине неговиот мандат

0
epa12985568 US President Donald Trump (C) delivers remarks during a rally in Suffern, New York, USA, 22 May 2026. EPA/KENA BETANCUR

Актуелниот претседател има најнизок рејтинг од сите негови претходници пред изборите во средина на мандатот, уште од времето на Хари Труман, а прогнозите се дека демократите ќе победат со разлика од 11 процентни поени,  што би било најголемо поместување во корист на некоја партија во последните речиси 20 години. Поништувањето на наследството на Трамп ќе биде тешко, делумно и поради тоа што Демократската партија е во целосен хаос. Тој најави дека доколку републиканците го изгубат мнозинството, може да стави вето „еден или два месеца“ пред да преговара за договори со лидерите на опозицијата

 

Денеска Американците гласаат на среднорочните избори, на кои треба да се обнови составот на Конгресот. Сите анкети досега укажуваа на тоа дека републиканците ќе бидат поразени, а како што пишува „Гардијан“, претседателот Доналд Трамп има најнизок рејтинг од сите американски претседатели пред изборите во средината на мандатот, уште од времето на Хари Труман, а освен тоа, неговиот рејтинг продолжува да паѓа. Прогнозите се дека демократите ќе победат со разлика од 11 процентни поени, што би претставувало најголемо поместување во корист на некоја партија во последните речиси 20 години.

Но, се поставува прашањето: дали ерата на Трамп навистина завршува? Она што следува потоа е многу посложена слика: САД ќе се ослободат од самиот Трамп, но земјата ќе остане длабоко поделена и поткопана од она што тој го правеше. Во случајот со некој што ги крши нормите и се наметнува како центар на сè, влијанието на Трамп е такво што се чини како да бил претседател со децении. Тој веќе спроведе политики што се речиси неповратно вкоренети – работи што би можеле да се поништат само со огромна работа, сложени законодавни битки и малку веројатен двопартиски консензус. Дури и ако среднорочните избори навестуваат победа за демократите во 2028 година, земјата што ќе ја наследат ќе биде трајно обликувана од Трамп. Според „Гардијан“, и самиот демократски естаблишмент е причина за загриженост. И покрај тоа што рејтингот на Трамп е на најниско можно ниво, поништувањето на неговото наследство ќе биде тешко, делумно и поради тоа што Демократската партија е во целосен хаос.

„Индепендент“, пак, повикувајќи се на свои извори во администрацијата, наведува дека во Белата куќа неколку месеци се подготвуваат за потенцијалното преземање на Конгресот од демократите и прават планови за унапредување на основните елементи од агендата на претседателот Доналд Трамп преку извршна акција. Изворите велат дека високи помошници, вклучувајќи го заменик-шефот на кабинетот, Стивен Милер, и директорот за буџет, Расел Воут, работат заедно со Канцеларијата на советникот на Белата куќа од април. „Ројтерс“, повикувајќи се на три извори, открива дека нивна цел е да идентификуваат извршни мерки за имиграцијата, царините, трошоците за домување и федералните трошоци што Трамп може да ги спроведе без одобрение од законодавниот дом. Советникот на Белата куќа, Вил Шарф, и неговиот персонал, исто така, проценуваат „што може Трамп законски да направи сам, каде би можел да ги помести границите на своите овластувања и како да ги брани тие одлуки на суд“. Овие подготовки го истакнуваат клучниот парадокс на среднорочните избори во вторник: додека освојувањето на Конгресот би им овозможило на демократите да отвораат истраги, да блокираат закони и да го ограничат трошењето, Трамп би задржал широка извршна власт над трговијата, надворешната политика и федералната бирократија – овластувања што ги користел во голема мера за време на неговиот втор мандат. Освен ова, Трамп има и друг план. Тој рече дека доколку републиканците го изгубат мнозинството, може да стави вето „еден или два месеци“ пред да преговара за договори со лидерите на опозицијата.

– Претпоставувам дека ќе станам мистер вето, изјави Трамп за поткастот „Под форс уан“ на „Њујорк пост“ во извадок од интервју објавен во недела.

Според „Индепендент“, на демократите им е потребна нето-добивка од четири места и во Претставничкиот дом во Сенатот, за да ги поништат тесните републикански мнозинства од 218-214 и 53-47. Јавните анкети сугерираат дека демократите се фаворити за освојување на Претставничкиот дом, додека натпреварот во Сенатот останува исклучително тесен. Но, Белата куќа ги отфрла сугестиите дека републиканците ќе изгубат.

– Оваа администрација и здраворазумските републиканци ќе продолжат да ги обезбедуваат нашите граници, да ги одржуваат законот и редот, враќајќи повеќе пари во џебовите на вредните Американци и носејќи победи за американскиот народ, рече портпаролката на Белата куќа, Лорен Бис.

ИЗДВОЕНИ