Во повеќе од 70 продавници и супермаркети, кои се дел од неколку трговски ланци во Белгија, Луксембург и Шведска, хакерски напад предизвика пораст на температурата во фрижидерите и замрзнувачите. Како резултат на тоа, храната што се чувала во нив морала да биде фрлена за да се избегнат безбедносни ризици, соопштија денеска претставници на трговските ланци.
Според белгискиот јавен сервис VRT, системите за ладење биле пореметени во над 40 супермаркети на компанијата „Делез“ (Delhaize) во Белгија и Луксембург, додека трговските ланци „Карфур“ (Carrefour) и „Спар“ (Spar) пријавиле слични проблеми во околу дваесетина свои супермаркети.
Стефан Моеланс, извршен директор на компанијата за инсталација на системи за ладење „Сабкобел“ (Sabcobel), изјави дека хакерите дале далечинска команда за префрлање на испарувачите во системите во режим на одмрзнување, што довело до загревање на фрижидерите, пренесува „Танјуг“.
„Синоќа, во 1:00 часот по полноќ, почнавме да мобилизираме техничари за да ја ставиме ситуацијата под контрола. Работевме цела ноќ, па сè до утринските часови, за да ги исклучиме погодените инсталации од мрежата“, рече Моеланс, додавајќи дека, и покрај овие напори, некои продавници биле принудени да ги фрлат производите.
Во Шведска, според телевизијата SVT, утринава е пријавен истиот проблем – пораст на температурата во фрижидерите и замрзнувачите во продавниците – во неколку делови од земјата.
Неколку продавници на компанијата „ИЦА“ (ICA) во Шведска утринава преку социјалните мрежи објавија дека нивните фрижидери и замрзнувачи биле цел на хакерски напад. Матс Олсон, управител на продавницата „ИЦА Нера“ (Ica Nära) во Бода, на островот Еланд, изјави дека кога утринава пристигнал во објектот, на подот затекнал локва вода, а открил и дека еден замрзнувач работел на температура од 14 степени Целзиусови.
Според него, сите замрзнувачи и фрижидери во продавницата биле исклучени, а стоката била уништена.
Во централна Шведска, шест продавници на ланецот „Кооп“ (Coop) исто така пријавиле дека биле цел на хакери, кои ги зголемиле температурите во нивните фрижидери и замрзнувачи. Сличен инцидент се случи во Франција на 12 октомври, кога стотици продавници низ земјата беа цел на сајбер-напади, при што температурата во нивните замрзнувачи и фрижидери се зголеми на 50 степени Целзиусови.
Во тоа време, Јавното обвинителство во Париз соопшти дека сајбер-напад од „голем обем“ ги погодил вмрежените системи за ладење во неколку големи ланци за продажба на храна низ Франција.












